Македонија
3. July 2018 - 19:21

ВМРО-ДПМНЕ: МВР деградира припадници на специјалните единици

СДСМ ја загрози државата на политички, економски, а сега ја доведува во опасност и на безбедносен план.
Без никаков респект и без никаква оправдана причина, Министерот Оливер Спасовски се пресметува со припадници на специјалните единици.

Се делат решенија на десетици припадници на Единицата за специјални задачи „Тигар” и припадници на Единицата за брзо распоредување кои учествувале во акциите во Диво Насеље и „Планинска бура”, но и низа други успешни полициски операции.
Професионалците кои при насилните протести за случајот „Монструм” ги штитеа судовите и другите институции сега се предмет на деградирање и шиканирање.

Надвор од законот и од системот на кариера, на овие обучени професионалци им се нудат решенија за пониски работни места и позиции за кои и не се неопходни нивните вештини. Доколку не прифатат, според информациите кои ги имаме следуваат закани со откази за нив. Дел од специјалците се префрлаат и со наредба на несоодветни места.

Со ваквите потези, власта на СДСМ сериозно ја загрозува борбената готовност и капацитетот на полициските специјални единици.

Овие специјалци се професионалци кои поминале разни обуки. Ова се професионалци кои учествувале во спасувачки мисии во регионот и секогаш биле на располагање во нашата земја. Во обуката на секој од нив се вложени десетици дури и стотици илјади евра.

Спасовски и Заев сега одлучуваат со партиско-политичка одлука да ги девалвираат и префрлат во единица за службени кучиња или по куќаркит од кои се обезбедуваат дипломатско-конзуларни претставништва.

Отворено се сомневаме дека единствената причина поради која што Спасовски го прави сето ова е политичка. Не се во прашање никакви стандарди туку единствено задоволување на барањата на коалициските партнери и полнење на елитните единици по партиски клуч.

Со поставување на недоволно обучени и искусни полициски службеници во овие единици се загрозуваат животите и на сите останати.

Најстрашно од се е што постои сериозен ризик, цената на политичките пазарења со специјалните полициски единици да ја платат токму нашите граѓани со сопствената безбедност.

Затоа ВМРО-ДПМНЕ предупредува СДСМ да престане да си игра со безбедноста на граѓаните. Да ги остави професионалците без притисоци да ја обавуваат работата за која што се обучени и за која што имаат најголемо искуство. Тие се најмалку виновни за неспособноста на раководството на МВР и нивната коалиција со криминалот.

ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите оние на кои што им треба правна помош да се обратат до телата на нашата партија. Сите случаи на злоупотреба се документираат и откако ќе ја вратиме правната држава, истите ќе бидат процесуирани.

Колку побргу СДСМ си замине од власт, толку побргу ќе се врати редот и правната држава. Република Македонија ќе победи.