Македонија
3. March 2018 - 14:24

ВМРО-ДПМНЕ: МВР да ги разрешат случаите во кои граѓаните се загрозени

Безбедноста во државата е загрозена. Криминалот царува на улиците. Со одлука на СДСМ илјадници криминалци беа амнестирани и ослободени. Граѓаните секојдневно се жртви на грабежи, обиди за убиства, убиства, насилства кои минуваат неказнето.

Наместо функционерите на СДСМ да направат план како полицијата да се спротистави на криминалот, гледаме срамен театар во кој што министер, државен секретар и директор за јавна безбедност се среќаваат со полициска службеничка и се обидуваат да ја убедат јавноста дека таа била нападната од пајак возилото, а не од некој партиски насилник.

Разочарувачки е што за раководството на СДСМ во Министерството за внатрешни работи поприоритетно е да го заштити угледот на некој партиски насилник, отколку да излезе со информација за напаѓачот кој среде бел ден, во центарот на градот, избоде 17-годишно момче.

Трет ден како МВР молчи за нападот на автобуската станица Рекорд, а момчето се уште се наоѓа во болница и неговиот живот е загрозен. МВР ниту има откриено сторител, а уште помалку го има изведено пред лицето на правдата.

УМС и ВМРО-ДПМНЕ повикуваат органите задолжени за безбедноста на граѓаните, а раководени од СДСМ, да почнат да ја работат работата за која се платени и да го разрешат овој и другите случаи каде што граѓаните се загрозени. Со несанкционирањето на криминалците, СДСМ се промовира во нивен сојузник. Доколку актуелното раководство на МВР не е способно да ги открие и изведе пред суд сторителите, треба да си замине и да остави тоа да го прави некој друг.

Во државата се случува јавашлук, а Спасовски ништо не презема. Во Чаир момче беше изрешетано и убиено на автобуска постојка и никој за тоа не одговораше. Убиен беше Дилавер Бојку на плажа во Струга и повторно сторителот не беше фатен.

Црната хроника секојдневно е полна со разбојништва во банки, аптеки, менувачници. Едноставно криминалците владеат.

Сето ова покажива дека МВР раководено од Спасовски и СДСМ е неспособно да го решава или не сака да ги заштити граѓаните од насилниците, убијците и ограбувачите.

Граѓаните гледаат дека живот е дојден ама само за криминалните структури и подземјето. Што треба уште да се случи за некој да преземе мерки да се спречи ова беззаконие кое завладеа со Македонија. Оваа Влада и МВР предводено од Спасовски се директно одговорни за сето ова.