Македонија
9. May 2016 - 15:04

ВМРО-ДПМНЕ: Манипулации тврдењата на СДСМ за „Диво насеље“

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во реакција на денешното соопштение на опозициската СДСМ за минатогодишните настани во кумановско „Диво Насеље“ оценува дека СДСМ продолжува со срамни манипулации и оти од таа партија ниту лани, ниту годинава не собрале храброст да изразат достојна почит кон македонските бранители.

- Срамните манипулации на СДСМ дека „ќе се дознаела вистината“ продолжуваат и понатаму, исто како што СДСМ во напад на безумна некрофилија редовно злоупотребува трагични настани и човечки судбини во политичка конотација. Срамот СДСМ ќе го носи засекогаш, а казната доаѓала и ќе доаѓа од граѓаните кои се срамат од ваквото однесување на СДСМ , истакнува ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата.

Заев и Спасовски, се вели во реакцијата, неколку часа откако во Диво Насеље гинеа македонските бранители, додека цела Македонија беше во црно, побрзаа да се смешкаат и да позираат како недоветни, сликајќи се на местото каде своите животи ги положија хероите. 

- Портпаролот на СДСМ Петре Шилегов акцијата на безбедносните сили во која гинеа македонските бранители подбивно ја нарекуваше „играње камај“, а новинарските перјаници на СДСМ подгреваа етничка омраза со лаги и манупулации за измислени цивилни жртви. Ова е СДСМ и граѓаните тоа јасно го видоа по којзнае кој пат. Дури и една година подоцна реториката на СДСМ не е променета,  соопштува ВМРО-ДПМНЕ.

Според ВМРО-ДПМНЕ, партиски активисти на СДСМ секојдневно ги омаловажуваат безбедносните сили, а Оливер Спасовски не присуствувал на постхумното одликување на загинатите бранители.