Македонија
31. January 2017 - 20:30

ВМРО-ДПМНЕ: Квалификациите на Ципрас за Македонија се недолични

ВМРО-ДПМНЕ вечерва преку соопштение ги осуди, како што се посочува, недоличните квалификациите искажани денеска од страна на грчкиот премиер Алексис Ципрас, кој на неговата средба со српскиот премиер Александар Вучиќ ја обвини Македонија за иредентизам и национализам.

Според партијата, нападите и навредите повеќе говорат за тој што ги изрекува, отколку за оној кому му биле упатени.

- Република Македонија ниту имала, ниту има територијални претензии кон Грција. Република Македонија и македонскиот народ единствено го бранеле своето право на самоопределување и сопствениот идентитет. Република Македонија не воведуваше санкции кон Грција. Напротив, Грција беше страната која ги затвораше границите и која со вето ја блокираше одлуката за полноправно членство во НАТО. Грција е страната што ден денес не дозволува ефектуирање на позитивните препораки за отпочнување на преговори за членство во ЕУ, стои во реакцијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат, каде премиерот Ципрас гледа иредентизам во однесувањето на Македонија, односно во која постапка од македонска страна гледа национализам.

- Со ваквите неиздржани изјави и навреди кон Македонија и македонскиот народ, грчкиот премиер не придонесува за развој на добрососедските односи, ниту пак покажува барем малку волја во надминување на проблемот кој Грција го има со нашето име. Со ваквите изјави Ципрас покажува дека токму тој нема волја за решавање на спорот, а не Република Македонија која што ја обвинува, оценуваат од партијата.

ВМРО-ДПМНЕ, воедно, во соопштеноето го поздравува ставот на српскиот премиер Александар Вучиќ за немешање во внатрешните работи и во долгогодишниот спор со Грција.