Македонија
21. јуни 2017 - 12:57

ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе предлог закон за докторска дејност

ВМРО-ДПМНЕ денеска на иницијатива од пратениците  доктори  на ВМРО-ДПМНЕ, а со поддршка и од останатите пратеници од паријата и коалицијата „За подобра Македонија“, во Собранието на Република Македонија ќе поднесат закон за докторска дејност.

- Овој предлог закон го поднесуваме бидејќи иницијативата за ваков закон се јави уште од претходниот мандат, од пратениците доктори од тој состав и беше предвидено овој закон да биде донесен до крајот на мандатот, но поради политичката состојба во Република Македонија овој закон не го виде дневното светло, рече на прес-конференција Зоран Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Посочи дека како најголема придобивка од донесувањето на овој закон е предвиденото вреднување на докторскиот труд односно утврдување на висината на платата преку колективен договор, која што би ја земале општите  доктори и докторите специјалисти од примарното, секундарното и терцијалното здравство.

- Со овој закон се предвидува платата на докторите специјалисти да изнесува четири и пол просечни плати или 100.000 денари нето плата, додека пак платите на општите доктори да изнесува две и пол просечни плати односно 56.000 денари нето плата, рече Ѓорѓиевски.

Покрај утврдување на висината на платите на специјалистите и општите доктори, со овој закон се нуди и системско решение со кое, како што сметаат од партијата, ќе се подобри квалитетот на здравствениот кадар и на здравствените услуги за граѓаните и ќе се спречи одливот на здравствените мозоци во странство.

- Оттука, како пратеници, сигурни сме дека со ова законско решение најмногу добива македонското здравство преку поквалитетни услуги на докторите и посветеноста во односот на докторите кон пациентите. Бидејќи во предизборието од страна на СДС на оваа фела и се ветуваа промени во работењето и валоризација на трудот на докторите, ние како ВМРО-ДПМНЕ сакаме да го дадеме нашиот придонес со овој мотивациски и стимулативен закон како конструктивна опозиција, со цел да се подобри дигнитетот и достоинството на оваа фела, рече Ѓорѓиевски.

Тој исто така нагласи дека со овој  предлог закон се заокружува еден огромен пакет мерки на ВМРО-ДПМНЕ за подобрување на здравството во нашата држава, како што рече, покрај инвестициите во набавка на современа опрема низ сите здравствени установи во Република Македонија, реновирање и изградба на нови здравствени објекти, стручната доедукација на кадрите во Македонија и странство.

- Како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ очекуваме од парламентарното мнозинство на чело со СДС да го поддржат овој закон поради тоа што беше ветено од нивна страна во предизборниот и постизборниот период, рече Ѓорѓиевски, додавајќи дека сметаат оти ова е позитивна мерка. Изрази надеж дека  од август или септември оваа година докторската фела ќе може да го почувствува зголемувањето на платите.

На прес-конференцијата беше напоменато дека овој закон е работен во консултација со Лекарската комора, Здружението на лекари и Синдикатот.