Македонија
15. February 2017 - 16:29

ВМРО-ДПМНЕ: Инвестиции во здравството се врвен приоритет

ВМРО-ДПМНЕ континуирано работи на подобрување на здравствениот систем, а доказ за тоа е новата терапија за шест видови на малигни заболувања, велат од партијата.. Објаснуваат дека инвестициите во здравството се врвен приоритет и во програмата Реално според која токму клиниката за радиотерапија и онкологија ќе добие проширен болнички капацитет, изјави Невенка Стаменковска, од ВМРО-ДПМНЕ.

Македонија е помеѓу најдобро рангираните држави во третманот на малигни заболувања. Кај најдобрите времето за добивање  терапија е пократко од 21 ден, а во Македонија воопшто нема листа на чекање за добивање радиотерапија за пациентите со малигни заболувања, порачува ВМРО-ДПМНЕ.

- Од вчера е овозможена нова терапија на шест типа малигни заболувања која ќе може бесплатно да се добива на Клиниката за радиотерапија и онкологија. Се работи за лекови против малигни заболувања на дојка, на бубрег и на кожа. Овие терапии во минатото чинеа од 3.000 до 8.000 евра. Сега пациенти ќе ги добиваат бесплатно на самите клиники. Дополнително, со мерката за намалување на цените на лековите досега опфативме над 4.800 медикаменти, рече Невенка Стаменковска на денешната партиска прес-конфернција. 

Таа посочи дека со програмата Реално се предвидува уште еден значаен проект за пациентите со малигни заболувања, а тоа е проширување и унапредување на условите за третман на пациентите во Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија.

- Се предвидува изградба на уште еден кат на објектот, со нови содржини за лекување и третман на лицата со малигни заболувања и зголемување на капацитетите за хоспитализирање за дополнителни 70 места. Инвестицијата е во вредност од 20 милиони денари, посочи Стаменковска.

ВМРО-ДПМНЕ, нагласи, внесе сигурност и стабилност во здравствениот систем и во континуитет работи посветено за подобрување на здравствената заштита. Македонското здравство, додаде, според европскиот здравствен потрошувачки индекс за 2016-та година е рангирано повисоко од голем број на развиени европски земји и земји од регионот, меѓу кои: Италија, Ирска, Унгарија, Полска, Литванија, Грција, Албанија, Бугарија, Србија.

- Македонија е највисоко рангирана во делот на достапноста на здравствените услуги, а како и претходните години, повторно се наведени исклучително високите оценки за функционирањето на националниот електронски систем МојТермин. Земјава има постигнато значителен напредок со електронскиот систем за закажување уште во 2013 година, со кој суштински се елиминираше времето на чекање за добивање здравствените услуги, потенцира Стаменковска.