Македонија
26. December 2017 - 16:38

ВМРО-ДПМНЕ има нов координатор во Собранието - Заев не размислува на избори се додека има мнозинство

Со нов координатор, по повеќе од месец дена пауза пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се вратија во собраниските клупи за да го слушнат годишното обраќање на Претседателот Иванов. Од денеска нивната работа ќе ја координира Влатко Ѓорчев откако Илија Димовски самоиницијативно решил да се повлече. Претседателот Мицкоски вели дека сите опции се отворени.

ВМРО-ДПМНЕ има најголема пратеничка група во Собранието, а нивното отсуство често му прави проблеми на и онака тенкото владејачко мнозинство да обезбеди кворум и поддршка за законските решенија. Премиерот денеска вели дека е свесен за тоа и дека ако ситуацијата постане неодржлива, избори се единствено решение.

Меѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои денеска дојдоа во Собранието беше и поранешниот лидер Груевски кој денеска одби да ги коментира случувањата во партијата.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ цел месец беа надвор од Собранието по притворањето на нивните колеги и уште неколку десетици граѓани за настаните од 27 април. Нивното враќање во пратеничките клупи и делувањето на ВМРО-ДПМНЕ во иднина, според лидерот Мицкоски ќе зависи од неговата денешна средба со премиерот Заев.