Македонија
2. јуни 2018 - 19:17

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со меѓусебни обвинувања за криминал и злоупотреби при финансирање

-Начинот на кој што Зоран Заев ја водел партијата до сега го пресликува и начинот на водењето на Владата и државата. Сомнителни трансакции, сомнителни кредити и задолжувања, сомнително финансирање преку чланарини на кои што не се знаат членовите на општинските организации ниту колку, ниту кому уплаќале. Ова се констатациите на државниот ревизор за начинот на работење на СДСМ под водство на Зоран Заев. Што прикрива Зоран Заев и СДСМ? Кому му должат и дали сега ги исплаќаат долговите со пари од народот и дали со тоа ги исплаќаат и сомнителните кредитирања за финансирањата на неговата партија? Од извештајот на државниот ревизор јасно се гледа дека СДСМ нема обезбедено документација за имотот на партијата. Зошто сеуште не е обезбедена ваква документација? Дали тоа значи дека СДСМ сака да земе имот без да го плати? Дали имотот на СДСМ е донација и колкава е донацијата бидејќи законот не дозволува правно лице, кое и да е, не може да донира повеќе од 56.000 евра односно 150 плати или кај  физички лица 75 плати? Штом имотот не е регулиран, дали СДСМ плаќа кирии и има договори со сопствениците или го крие неплаќањето на кириите? За разлика од сомнителниот извештај за СДСМ, извештајот на ВМРО е без посериозни забелешки. Законот за платен промет не познава подсметки и затоа се отворени три сметки користени исклучиво за намената за која се отворени. Обврските на партијата се уредно наведени и како што се подмируваат, така се приложуваат и фактури, во согласност со договорите. Ниеден дефокус со извештајот на ВМРО-ДПМНЕ не може да го покрие сомнителното работење на СДСМ. За нивното сомнително работење сега плаќаат граѓаните на Република Македонија. Затоа ја покачија акцизата и плаќаме енормно скапа нафта за разлика од порано, а државата се задолжува стотици милиони евра месечно без притоа да се реализира ниту една капитална инвестиција во корист на граѓаните. Заев и СДСМ ја носат државата кон економска пропаст. Ја пробија психолошката граница од над 5 милијарди евра јавен долг. Ваквото расипничко однесување на СДСМ и владата под нивно водство мора да престане. Затоа ги повикуваме сите граѓани на Република Македонија да ни се придружат вечер во 20.00 часот пред владата и да дојдат на протестот каде што ќе го означиме почетокот на крајот на криминалниот картел. Македонија ќе победи! - изјави Димче Арсовски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

-Овој Извештај на Државниот завод за ревизија е уште доказ за тоа како функционирала ВМРО-ДПМНЕ и внатре, во работата на самата партија. Во Извештајот за 2017-та година Државниот завод за ревизија констатира дека ВМРО-ДПМНЕ не ги прикажала реално податоците во финансиските извештаи. Нотирано е дека ВМРО-ДПМНЕ поседувала дури три сметки што е спротивно на Законот за финансирање на политичките партии. Додека граѓаните се бореа со долгови и сиромаштија што им ја наметна токму ВМРО-ДПМНЕ, партијата потрошила 386.000 евра за изработка на над 200 уметнички слики, но притоа нема фактури што ќе докажат каде завршиле тие пари. Како одговорно лице за работењето е посочен Никола Груевски. И за финасискиот извештај за изборите во 2016 година, ревизорот изразил негативно мислење. Поради немањето соодветна документација за сите приходи и расходи за изборната кампања. Христијан Мицкоски, наследникот на Никола Груевски и негов советник токму во тој период, досега ниту еднаш не се огради од криминалните политики на неговиот претходник. Мицковски не се извини на граѓаните за пустошот во економијата, за нивното 11 годишно осиромашување, за поделбите и кризите кои како наследство им ги остави ВМРО-ДПМНЕ. Очигледно е, Мицкоски, некогашниот советник на Груевски, нема капацитет вистински да ја рефомира партијата и да ја надмине матрицата на Никола Груевски. Со таквото однесување, ВМРО-ДПМНЕ останува на браникот на криминалот на Груевски и фамилијата наместо да понуди реални политики во интерес на граѓаните и да се вклучи во реформскиот процес. Христијан Мицковски треба да излезе пред јавноста и да одговори дали и што му должи на Никола Груевски?  Граѓаните ја поразија ерата на Груевизмот, кажаа не на лошото владеење и избраа развој, просперитет, слобода, демократија, избраа европска иднина и подобар живот за сите, изјави Костадин Костадинов, пратеник од СДСМ и коалицијата.