Македонија
2. February 2019 - 19:51

ВМРО-ДПМНЕ и РЕК Битола меѓусебно се обвинуваат за неодговорно однесување

Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ Битола денеска обвини за неспособност и непотизам на раководството на РЕК Битола, заради што хавариите станувале секојдневие. Велат дека моментално надвор од функција е Блок 1 со наводно планиран застој.

- А всушност се работи за дефект на парогенераторот и РЕК Битола ќе биде надвор од употреба цели десет дена. Најважната активност на ова раководство е пресметката со стручните лица и нивно постојано деградирање, само за да ги задоволат потребите на нововработените партиски послушници и нивни блиски роднини и пријатели без притоа да се води сметка за непреченото функционирање на комбинатот, изјави СИЛВАНА АНГЕЛЕВСКА, ВМРО ДОМНЕ БИТОЛА.

Нема граници неодговорниот однос на опозициската ВМРО – ДПМНЕ кон најголемиот електроенергетски комбинат во земјава, реагираа преку соопштение од РЕК Битола. Оттаму велат дека јавноста ја информираа за планското исклучување на БЛОК 1, активност која била предвидена, а за која се чекало погоден момент и за време на која ќе се изврши крупен зафат.

РЕК Битола и АД ЕЛЕМ, се вели во соопштението, ги водат професионалци кои ги тргнаа теснопартиските интереси присутни во компанијата и комбинатот подолго време.