Македонија
1. July 2022 - 19:59

ВМРО-ДПМНЕ го одби модифицираниот предлог – Мицкоски повика на протест

Францускиот предлог е ултиматум и бугарски диктатот. За таков предлог „Не, благодарам“. Ваков беше одговорот на претседателот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски.

Рече дека промените помеѓу првиот и вториот предлог се само козметички и ги содржат сите барања на Софија за јазикот, идентитетот и историските прашња.

Мицкоски во партиското седиште ги презентираше сите спорни делови од францускиот предлог, кој, како што рече, е срам и предавство.

Повика и на сенароден протест утре во 19 часот пред Владата, но не прецизираше дали протести ќе има и во наредните денови. Рече дека народот мора да го спаси процесот на преговори со Бугарија.

-И двете страни ќе дадат унилатерални изјави, декларации коишто ќе кажат како го подразбираат македонскиот јазик. Претпоставувам, доколку ова стигне до Брисел од македонската страна истото ќе биде македонски јазик. Валда до толку не се национално исплакнати. А, од страна на Бугарија ќе има еднострана изјава дека тие не го признаваат македонскиот јазик. Односно, го признаваат согласно Уставот на Македонија, рече Мицкоски.

Мицкоски вели дека Членот 12 од Договорот за доброседство ќе биде одлучувачки член, врз основа на кој Македонија ќе напредува во преговорите или Бугарија повторно ќе блокира. Појаснува дека зборот „протокол“ сега добива само заменка.

-Протоколот билатерален е заменет со годишни прегледи и мерки. Мерки што подразбира? Ако немате во учебниците променето дека Илиденското востание е македонско, односно Илинденско со бугарско-преображенско, тогаш не сте презеле мерки и не можете да напредувате. Ете, тоа е мерка. Ако уште во процесот на преговори во учебниците на нашите основци стои дека Гоце Делчев, Дамјан Груев, Јане Сандански се македонски херои вие не можете, бидејќи не сте презеле мерка и ефективно таа мерка не сте ја имплементирале. Ете, тоа е разликата за која Османи и Маричиќ се препелкаат и не знаат како да ја објаснат, вели Мицкоски.

Лидерот на опозицијата вели дека согласно францускиот предлог, поглавјата не можат да почнат се додека не се направи промена во Уставот и во него не се вметнат Бугарите.

 -Јасно стои дека Македонија не може да го почне процесот на преговори се додека не биде потпишан протоколот од втората средба на заедничката меѓувладина комисија којашто е основана врз основа на членот 12 од Договорот за добрососедство којшто го има нашата влада потпишано со нашиот источен сосед. Тоа е оној протокол во којшто се содржани историјата, културата, сето она што треба да го направиме како измена и мерка во нашите учебници, рече Мицкоски.

Се огласи и Социјалистичката пратија, која вели дека модификуваниот француски предлог не се разликува од првиот. Оттаму велат дека премиерот Ковачевски ја манипулира македонската јавност со изјавите дека предлогот е државнички.

-Владата под бугарски диктат, уцени и закани води скриена и кукавичка политика. Македонија го доживува комплетното фијаско во надворешната политика и повторно доживува нов национален срам. Затоа Владата треба да си оди! За катастрофалните политики премиерот Ковачевски и министрите Османи и Маричиќ ќе носат не само политичка одговорност. Тие ја изгубија довербата кај народот, и мора да одговараат за непроценливата штета што и ја нанесоа на нацијата и државата. За вакви суштински и неразумни промени во државната политика, за предлогот за бугаризација и асимилација на македонската нација, мора да се слуша само гласот на народот, велат од партијата.

Опозициските партии од албанскиот блок се уште немаат изградено став. Велат, прво да го видат предлогот, па потоа ќе го кажат своето мислење.