Македонија
6. May 2017 - 15:55

ВМРО-ДПМНЕ: Џафери ќе води седници и на албански, почна реализацијата на тиранската платформа

ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција обвини дека почнала реализацијата на тиранската платформа и оти пристигнуваат фактурите од антидржавното и предавничко однесување на СДС и нивниот претседател Зоран Заев. 

- Талат Џафери најави дека ќе го официјализира албанскиот јазик на целата територија, а Собранието на Република Македонија ќе биде третиот парламент во регионот каде што седниците ќе се водат на албански јазик, рече на прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев.  

Охридскиот рамковен договор, потенцираше тој, предвидува пратениците да може да се обраќаат на својот мајчин јазик, доколку го говорат над 20 отсто од населението бидејќи тоа е индивидуално право, но кога се води седница, тоа е чин од позиција претседател на Собрание и во име на институцијата која што ја претставува, и затоа единствен службен јазик и официјален јазик на целата територија е македонскиот.

Данев рече дека Џафери исто така кажал дека седниците ќе ги водел и на албански и на македонски јазик. - Со тоа Талат Џафери јавно му се изнасмеа в лице на Зоран Заев кој сопствениот народ го навредуваше и понижуваше само за да се обиде да го избере Талат Џафери за нелегален претседател на Собранието, истакна Данев додавајќи дека Заев исто така молчи околу поставувањето на албански знамиња во Кабинетот на претседателот на Собранието. 

- Талат Џафери и јавно кажа дека нема намера да го тргне албанското знаме од кабинетот, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ кој смета дека ова е само потврда дека отпочнала реализацијата на тиранската платформа и ја потврдува оправданоста на револтот и незадоволството на народот.

Се поставува прашањето, кажа Данев, ова ли беше дел од големата програма на СДС и за ова ли гласаа членовите и симпатизерите на СДС. Заев, рече тој, е единствениот човек кој успеа за еден ден да ги направи Македонците и Бугари и Срби.

- Ваквото однесување на Зоран Заев е целосно неприфатливо. Време е аболицираниот Заев да го слушне гласот на народот. СДС ќе сноси одговорност за злоделата врз Македонија, изјави на прес-конференцијата Данев.