Македонија
18. April 2021 - 11:27

ВМРО-ДПМНЕ: Додека процесот на вакцинација во соседните земји е веќе во поодмината фаза, македонските граѓани се уште молат за вакцини

СДСМ е директно одговорна за лошата состојба на јавното здравство во Република Македонија.

Наместо да вложуваат во зголемување на капацитети, модерна апаратура за работа, заштита за здравствените работници, СДСМ тераше кампања за бесплатно европско здравство. Каде е сега тоа бесплатно европско здравство? Каде се вакцините?

Додека земјите од соседството се веќе во поодмината фаза на вакцинација и имаат речиси од сите вакцини кои се произведоа изминатиот период, Република Македонија чека милостина од други земји кои што имаат вишок вакцини. 

Здравствените работници кои што се на првата борбена линија во борбата со Ковид-19 вирусот, беа оставени на милост и немилост. Да не беа и оние малку вакцини кои што ни ги подарија неколку држави, ќе немаше вакцини и за оние кои што секојдневно се борат со пандемијата. Тоа е крајно поразувачки.

СДСМ наместо да манипулира со граѓаните и од ден во ден да смислува нови лаги, треба да се соочи со болната вистина дека тие се директно одговорни за над 1800 починати од Ковид-19 од 1-ви јануари до денес, кои доколку имаше вакцини со сигурност ќе победеа во борбата со вирусот. 

Граѓаните речиси една година се оставени сами на себе. Најпрво чекаа и молеа за тестирање, потоа молеа за лекови, а сега молат и за вакцини.

Згора на тоа, покрај тоа што имаме крајно неспособна Влада предводена од СДСМ и Заев, граѓаните на Република Македонија кои одат да се вакцинираат во соседна Србија не добиваат третман, поради тоа што добиле информации од македонските власти дека македонските граѓани треба исклучиво да се вакцинираат во сопствената земја.

Дали Венко Филипче набави вакцини за секој граѓанин во Република Македонија? До каде е процесот на вакцинација во државата?

Факт е дека државата ја водат несериозни, неспособни и луѓе на кои пред се им е важна нивната материјална придобивка од државата, а не граѓаните и нивните потреби.

Потребни се оставки веднаш. Потребни се оставки уште денеска!

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ