Македонија
1. August 2017 - 16:13

ВМРО-ДПМНЕ денеска го одбележа „Илинден“, партиска делегација положи цвеќе на Мечкин Камен

 Делегација на ВМРО-ДПМНЕ денеска положи цвеќе на споменикот на Илинденците на Мечкин Камен во Крушево по повод празникот Илинден - Ден на Републиката.  Антонијо Милошоски од име на партијата на сите граѓани на Република Македонија им го честиташе Илинден кој, рече, е најголемиот слободарски празник на нашата држава.

- Сметаме дека овој Илинден е премногу важен, за на овој ден да дадеме легитимитет за нелегално избрани функционери. Имаме огромна чест како партија која ги полага своите корени на историското ВМРО, како современа генерација да им оддадеме почит на паднатите жртви за Крушевската Република, којашто е темел на современа Република Македонија, рече Милошоски.

Ги повика сите членови на ВМРО-ДПМНЕ, симпатизери и граѓани кои сметаат дека нивната порака е соодветна, да се воздржат од, како што рече, „давање легитимитет на прослави организирани од владата на СДС и ДУИ“.

- Затоа што цениме дека можно е со такви некои одлуки коишто го иритираат народот, како одлуката на господинот Џафери да се обрати тука, на Мечкин Камен, да се создадат некои услови или некој да смислил некои намерни инциденти кои можат да ја нарушат честа и достоинството на Илинден, како еден голем македонски слободарски празник, истакна Милошоски.

Покрај него, во делегацијата која им оддаде почит денеска на жртвите на Мечкин Камен беа и Христијан Мицкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Диана Транталоска и Златко Перински, членови на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.