Македонија
5. March 2017 - 16:22

ВМРО - ДПМНЕ бара нови избори и гласање за платформата, СДСМ бара мандат, правни експерти- влада без мандат е државен удар

Платформата од Тирана да се стави на гласање пред граѓаните заедно со локалните избори, повика денеска ВМРО-ДПМНЕ преку партиско соопштение.

Легитимно е Зоран Заев и СДСМ да мислат дека платформата од Тирана е позитивна за земјава, но крајниот суд околу платформата треба да го дадат граѓаните. Тие не гласаа во декември за сите овие елементи од платформата.

Се ближат локалните избори и најдобар излез од оваа криза е доколку Зоран Заев се охрабри и се согласи да ја постави платформата пред граѓаните. На ист трошок тие ќе гласаат и за локалните власти, но ќе се произнесат и околу платформата од Тирана.

Доколку Зоран Заев и СДСМ имаат сомнеж дека платформата од Тирана е штетна за Македонија, ВМРО-ДПМНЕ ги охрабрува да ја отфрлат. Во таков случај би му помогнале на Зоран Заев и СДСМ да формираат влада каква што сакаат и покрај тоа што загубија на изборите. Цената ќе биде далеку помала отколку цената што ќе ја плаќаат сите идни генерации доколку Зоран Заев и СДСМ не ги отфрлат уцените., стои во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Заев е подготвен на дебата за менување на химната, грбот и знамето, промена на името за членство во НАТО , прогласување на албанскиот јазик за официјален заедно со македонскиот.

Неодамна во интервју за Сител и лидерот на ВМРО - ДПМНЕ порача дека промената на името е главната цел на операцијата за промена на власта.

Од СДСМ денеска велат дека на 11 декември победил концептот на едно општество со еднакви права за сите.

Единствениот начин да се зачува и зајакне унитарноста на државата е преку концептот на едно општество со еднакви права и обврски за сите. Тој концепт веќе победи! Концептот на ВМРО-ДПМНЕ за внесување раздор изгуби на 11 декември! Барањето за нови избори е само обид за продолжување на политичката криза и одложување на понесувањето одговорност за криминалите и злоупотребите., строи во соопштението од Бихаќка.

Правните експерти уште по одлуката на Иванов да не го додели мандатот на СДСМ предупредија дека нема друг излез освен нови избори. Уставот предвидува дека мандатот го доделува единствено претсдеателто на државата а и собранискиот деловник предвидува избор на влада по предлог на мандатарот. Според нив секој поинаков чекор на СДСМ и ДУИ во овој момент ќе биде државен удар.