Бизнис
13. September 2017 - 17:47

ВМРО-ДПМНЕ: Анѓушев функцијата ја користи за стекнување огромни профити

Kочо Анѓушев, функцијата вицепремиер во владата на Социјал-демократскиот сојуз ја користи за создавање на огромни профити за сопствените фирми, а не за унапредување на стандардот на граѓаните и државата.

Заев и Анѓушев се однесуваат како државата да е нивна приватна сопственост, а буџетот, кој се полни со парите на граѓаните, како нивна приватна сметка.
Анѓушев својата работа како вицепремиер за првите сто дена си ја наплати со тендер во висина од 2.6 милиони евра, кои преку државното претпријатие ЕЛЕМ кое си го додели на сопствената компанија „Фероинвест“.
Почитувани граѓани, 
2.6 милиони евра, сите нас не чинеше ангажманот на мултимилионерот Кочо Анѓушев како вицепремиер во владата на Зоран Заев, за само 100 дена.
Доколку за само 100 дена работа во владата го плативме Анѓушев со 2.6 милиони евра, тогаш колку ќе не чини неговиот ангажман до крајот на мандатот на оваа влада? Дали тоа ќе бидат 50 милиони, 100 милиони или можеби 200 милиони евра?
ВМРО-ДПМНЕ предупреди уште претходно за ваквите „бонбона бизнис” намери на оваа влада, дека нивната цел е само личниот интерес и личното богатење со парите на граѓаните, а тоа се потврди во изминатите 100 дена.
ВМРО-ДПМНЕ исто така предупредува и за реалната опасност која ни претстои со претстојната либерализација на пазарот на електрична енергија, со што водени по европската пракса во повеќе земји од ЕУ, се очекува струјата да поскапи и до 60%. Односно доколку сега плаќате 2.000 денари, по либерализацијата ќе плаќате 3.200 денари. 
Од ваквите „бонбона бизниси“ профит ќе имаат само фирмите на Анѓушев и врхушката на власта, кои со по два-тројца вработени ќе книжат милионски профити на дневна основа.
Доделувањето на тендерот од страна на државата, чиј репрезент е Анѓушев, на „Фероинвест“, чиј сопственик е исто така Анѓушев е класичен пример за судир за интереси. Во конкретниов случај Анѓушев е заинтересирана странка и во двете страни од договорот. Ова е скандал и класичен пример за богатење со парите на граѓаните.
ВМРО-ДПМНЕ го повикува надлежното Јавно обвинителство да отпочне постапка за утврдување на кривична одговорност за тоа како се влијаело и под кои услови тендерот паднал во рацете на фирмата „Фероинвест“ која е во сопственост на вицепремиерот Кочо Анѓушев.
Анѓушев со стапувањето на функција всушност им ги замачкуваше очите на граѓаните дека тој сепак ќе се откаже од неговата плата во висина од 1.000 евра, но затоа неговата плата од 1.000 евра ја замени со суми од 2.6 милиони евра.