Македонија
27. August 2021 - 20:02

ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса и Алтернатива одат заедно на локални избори

Опозициска соработка против корупцијата. Ова е главниот мотив под кој ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса на Албанците и Алтернатива ја официјализираа предизборната соработка за локалните избори. Договорот паднал попладнето во пратеничката канцеларија на коалицијата Алијанса и Алтернатива, каде што Мицкоски бил пречекан од албанските опозициски лидери Села и Гаши.

Главна тема на средбата, како што посочија во заедничкото соопштение – како да се спречи корупцијата и криминалот застапени во општините кои ги раководат СДСМ и ДУИ.

Тројцата претседатели констатираа дека водејќи се од извештајот на Транспаренси Интернешенл, според кој Македонија е рангирана на историско најлошото 111 место, станува неминовна опозициската соработка, со цел единиците на локалната самоуправа да бидат ослободени од корупциското владеење, од нетранспарентното трошење на пари и од злоупотреба на власта на СДСМ и ДУИ на сите нивоа на државната управа.

Затоа, констатираа тие, потребно да се соработува со цел општините да бидат институции во служба на граѓаните, со силен и рамномерен локален економски развој, со буџетска поддршка за децентрализација во областите образование, култура и спорт, како и со тежнеење да бидат зелени општини кои ќе обезбедат чист воздух и заштита на животната средина.

Со цел што подобро да се артикулира опозицискиот глас, како и да се претстават најдобро интересите на сите граѓани на локално ниво, тројцата претседатели, истакнувајќи ги овие начела, се одлучија за взаемна соработка и поддршка на кандидати за градоначалници. Соработката подразбира дека споменатите партии нема да кандидираат градоначалници во одредени општини и ќе се поддржуваат меѓусебно, а во други општини ќе се натпреваруваат со сите други партии.

Во наредниот период, општинските организации на ВМРО ДПМНЕ, Алијанса на Албанците и Алтернатива ќе треба да ги договорат начинот и деталите на соработката.