Македонија
26. July 2017 - 17:30

ВМРО-ДПМНЕ: Алаѓозовски покажа дека не е заинтересиран за професионалци во културата

ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека СДСМ вработува  лица со партиски книшки како втора лична карта или со богато фејсбук искуство во навреди.

Лилјана Затуроска на прес конференција рече дека  партизацијата на институциите која ја применува СДСМ го достигна дното со именувањето на Сашо Тасевски за директор на Драмскиот театар.

- Алаѓозовски покажа дека не е заинтересиран за професионалците во областа на културата, нив ги отпушта или деградира. Не е заинтересиран за културните дејци, нив ги навредува со укинување на признанијата, ама затоа е подготвен да наградува ликови како Сашо Тасевски со позиции, ликови чиј најголем дострел е безобразен статус на фејсбук или лична навреда упатена кон ВМРО-ДПМНЕ, рече Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.

Очигледно, додаде, во културата, како и општо во секоја друга област се водат од максимата кој повеќе плукал, навредувал и омаловажувал тој да биде награден со повисока функција.

- Ако ова е кадровиот потенцијал кој го поседува СДС, тогаш црно и се пишува на културата во Република Македонија. Ова е увертира во режимот на СДС кој што го инсталира во државата. Институциите СДС ги гледа како можност да ги вдомат партиските војници, комичарите, твитер ликовите и останатите шарени револуционери, на сметка на професионалноста. Во тоа предничи Алаѓозовски, кој несомнено ја заслужи титулата министер за некултура, потенцира Затуроска.

Во духот на тоталитарен режим, посочи, Алаѓозовски си зема за право субјективно да ги оценува одредени директори како неподобни, без било каква законска основа да ги разрешува и на нивно место да поставува кадри кои зад себе имаат скромно актерско, а уште помалку менаџерско искуство.

- Изборот очигледно се мери според тоа кој колку боја или плуканка потрошил изминатиот период во спроведување на деструктивното сценарио на СДС, рече Затуроска.