Македонија
22. January 2020 - 16:52

ВМРО-ДПМНЕ: 14 милиони евра државни пари за апарати за коцкање

Набавката на коцкарски машини е најголемата инвестиција на СДСМ. Вкупно 14 милиони евра потрошила државната видеолотарија за набавка на коцкарски апарати во период од година и половина, тврди пратеникот од ВМРО ДПМНЕ Илија Димовски. Според него, не постои дилема околу тоа дали ваква компанија треба да постои во земјава, но се противат на ваквиот начин на трошење без обзир кон реалните потреби на граѓаните.

„Сега се гледа кои се приоритетите на СДСМ. Според нивното однесување развојот на образованието, науката, културата, капиталните инвестиции не се од приоритетно значење додека 14 милиони евра за коцкарски машини се стратешка инвестиција. Тоа а пораката што ја испраќа оваа Влада на чело со СДСМ до граѓаните. Не трошете време на образование, дишете загаден воздух и одете да се коцкате“, вели Димовски.

Од Државна видеолотарија за Сител велат дека не се во можност да одговарат на тврдењата на пратеникот Димовски денеска и најавија дека реакција ќе има утре. Но, одговараат од владејачката СДСМ. Од таму велат дека опозицијата манипулира тврдејќи дека се трошат државни пари.

Првата набавка на слот машините била во април 2018 во вредност од 7,4 милиони евра,а втората, веќе познатата втора набавка од 02 јануари годинава е со врендост од 6,5 милиони.