Балкан
26. јуни 2020 - 12:20

Влошена состојбата со корона вирусот во Србија

Предраг Кон, познатиот српски епидемиолог, изјави дека ситуацијата со коронавирусот во Србија се влошува. Според него, во главниот град Белград, таа е веќе заканувачка.

„Се тестираат се повеќе луѓе. Има заболени во студенските домови, а последниот податок е дека 91 се позитивни, веројатно и тоа се менува“, вели Кон, кој е член на српскиот Кризен штаб.

Според српскиот лекар, повеќето од заразените не знаеле каде се заразиле.

„Не се гледаат знаци дека ќе има брзо подобрување“, нагласува овој епидемиолог, кој додава дека пред оваа држава се случувања во кои може да дојде до влошување на инфекцијата, како што се приемните испити на факултетите, матурските и свадби.

Тој, како место за интензивно ширење на заразата, ги наведе ноќните клубови, па вели дека се размислува за прекин на работата на овие локали.

„Подобро тие мерки што поскоро да се донесат отколку да се чека да се влоши ситуацијата“, вели Кон.