Македонија
19. јуни 2017 - 17:39

Властите во Софија со оптимизам гледаат на утрешната средба Заев – Борисов

По Брисел, Софија е втората дестинација што ќе ја посети Претседателот на владата Зоран Заев, по стапнувањето во премиерскиот кабинет. Утре и задутре Заев ќе се сретне со премиерот Борисов и шефот на државата Радев. Освен македонските евроатлантски аспирации, на средбите во Софија на маса ќе биде ставен и договорот за добрососедство, кој досега беше алиби за блокадата за Македонија од страна Бугарија во ЕУ. И комесарот за проширување Јоханес Хан неодамна во интервју ги посочи Грција и Бугарија како главни кочничари на македонскиот европски пат.
 
Поранешниот бугарски премиер Сергеј Станишев, во интервју за бугарското радио Дарик, посетата на Заев ја оцени како јасен знак за добрососедските односи, но и дададе дека се надева во надвладување на разумот и потпишување на договорот за добрососество, што ќе ги уреди меѓусебните односи.
 
Идентично очекување за договорот изрази поранешниот претседател на Бугарската академија на науките Стефан Воденичаров.
 
Од друга страна, преговорите за договорот, што траат 9 години се заглавени веќе втора година.
 
Од првичниот текст што беше испратен од бугарската страна во 2008 и што беше неприфатлив за Македонија, повратната верзија содржеше измени во 80 проценти од содржината на текстот.
 
Основа на текстот, прифатена од двете страни е Декларацијата за пријателство и соработка од 1999 година, која исклучува мешање во внатрешните работи, како и секакви непријателски акти или намери кон другата држава, нешто што е содржано во уставите на сите соседни земји.
 
Преговорите запнаа околу второто барање на бугарската страна, заедничко одбележување на настани и личности од историјата. Тогаш, дипломатски извори за Сител велеа дека Бугарија се согласила да се бара решение содржано во некој поширок европски контекст, односно решавање на случај по случај одделно со ад хок покана за настан за кој се засегнати и двете страни. Каква ќе биде финалната верзија на договорот засега не се знае, но, нов позитивен развој во односите неодамна најави премиерот Борисов, по средбата со германската канцеларка Меркел и францускиот претседател Макрон.
 
,,Многу сакам Македонија да е стабилна како држава, нашиот сосед да е стабилен. Зашто, за нас би било премногу - од едната страна е Крим, од другата Турција во воена состојба, Грција се тресе секојдневно, во Македонија видовме што се случи. Затоа ја убедив и канцеларката Меркел и останатите дека треба да им се помага. За нас се важни, треба да ѝ дадеме шанса на новата влада“, изјави тогаш Борисов.
 
Посетата на Бугарија како втора посета на Заев не е случајно избрана. Оваа земја од јануари следната година го презема претседателството со Европската Унија, и македонскиот премиер очекува добра соработка и поддршка за евроатлантските аспирации на Македонија.