Македонија
20. November 2020 - 17:07

Власта со оптимизам за ЕУ интеграциите, опозицијата бара оставки

Треба да се направат сите напори за Македонија да ги стартува преговорите со Европската унија до крајот на годинава. Ова е заедничкиот заклучок од средбата на премиерот Заев во евроамбасадорот Гир, по бугарското вето.

Заев и Гир се согласиле дека првата меѓувладина конференција помеѓу Македонија и Унијата треба да се одржи за време на германското претседателство.

„Амбасадорот Гир исто така ја истакна важноста на постојаните напори за решавање на отворените билатерални прашања.

Од своја страна, Амбасадорот ја поздрави заложбата на Владата да продолжи да напредува во спроведувањето на реформите поврзани со Европската Унија, кои пред сѐ, се во интерес на сите граѓани, но и важни за приближување на Северна Македонија кон ЕУ“ се вели во владиното соопштение.

Оптимист за изнаоѓање решение за спорот со Бугарија е е министерот Осамни, но вели дека е потребно трпение и напорна работа.

Откако премиерот Заев ја одби понудата за лидерска средба, од ВМРО-ДПМНЕ денеска бараат оставки и формирање на експертска влада. Потенцираат дека Заев, Филипче и Димитров се директни виновници за најлошата состојба од независноста досега, во здравсвениот и економскиот сектор, но и за евроспската перспектива.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека Заев, Венко Филипче и Никола Димитров се дел од проблемот на оваа државна криза, а не се дел од решението. Нивна оставка во најмала рака е морален чин од нивна страна, а во Собранието и на повисоко политичко ниво ќе може да се разговара за Влада која што ќе ужива поширока доверба и наместо партиски личности, ќе има експерти во секоја област кои што ќе можат да понудат конкретни решенија за следната година дена да можеме да имаме план за излез од кризата, порача Милошоски.

Првиот вицепремиер пак вели дека земјава има легитмно избрана влада, а опозицијата наместо да одмага треба да биде партнер за решавање на проблемите.

Ваквото барање за владејачката партија е неприфатливо. Во нивната реакција се вели дека ВМРО-ДПМНЕ е партијата која изгуби три изборни циклуси, сега бега од изборите во Штип, а бара широка влада. Според СДСМ, опозицијата само ја користи состојбата за дневно политички поени.

„ВМРО-ДПМНЕ е единствената опозиција во светот што бара оставки а бега од избори, затоа што има уплав од соочување со граѓаните. Без никаков легитимитет, без мандат од граѓаните, бараат да бидат дел од власта, се вели во реакцијата на СДСМ.