Македонија
18. November 2020 - 16:52

Власта сеуште се надева на исчекор со Бугарија, опозицијата бара лидерска и оставки

Бугарското вето нема да застане на патот на европската интеграција. Од македонската Влада велат дека остануваат посветени на преговорите за изноѓање решение и дека се уште постои можност Македонија да ги стартува преговорите со Европската унија до крајот на годината. Засега не се размислува ниту за оставки, ниту за повлекување на македонските членови од мешовитата историска комисија, но има прашања за кои нема простор за преговори. 

Во вакви моменти на предизвик треба да се покажат европски вредности – смиреност наместо конфликт, смиреност и подготвеност за соработка, наместо национализам за домашна употреба и нови изолации. Македонскиот национален идентитет е невозможно да биде предмет на преговори“, рече портпаролот на Владата Душко Арсовски

Христијан Мицкоски и денеска повикува на лидерска средба. 

Зоран Заев повеќе сакал да се види со премиерот на Владата на нашиот источен сосед, наместо лидерска средба и сите заедно да постигнеме национален и државен консензус со заштитени национални и државни интереси, а потоа да настапиме со аргументи во разговорите за клучните прашања со соседна Бугарија. Зоран Заев не сака лидерска средба затоа што пред Владата изнесов јасен и прецизен став за неменување на Уставот, за посебноста на јазикот, идентитетот и правата на македонското малцинство. Заев не го слушнавме тоа да го направи, пишува Мицкоски на Фејсбук.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак бараат оставка на Заев бидејќи три години ги лаже граѓаните дека Македонија ќе го стратува преговарачкиот процес.

Владејачката партија пак повикува на одговорност во овие како што велат тешки времиња за државата од кои Македонија ќе излезе посилна и интегрирана во Европската унија.

Според Алијансата за Албанците, Владата предводена од СДСМ и ДУИ по 6-ти пат не успеа да го оствари единственото предизборно ветување. Зијадин Села бара оставки на Заев, Димитров и Османи и формирање на широка влада. 

Опозициските барања за оставка сепак нема да се реализираат. Од Владата денеска посочија дека во овој момент таков чекор ќе биде неодговорен кон мнозинството граѓани кои само пред неколку месеци им ја дале довербата.