Балкан
5. August 2019 - 15:16

Власта ја конституира локалната власт, дел од опозицијата пријави учество за локалните избори на 13 октомври

Владејачкото мнозинство веќе ја конститура локалната власт избрана на 30 јуни, додека дел од главната опозиција, која ги бојкотираше изборите, пријави учество за локалните избори на 13 октомври, според уредбата на претседателот Илир Мета.

Пријава за учество на изборите денеска, што е крајниот рок за тоа, врз основа на Изборниот законик, доставија Социјалистичкото движење за интеграција на Моника Круемади, Републиканската партија на Фатмир Медиу и Аграрната партија на Агрон Дука,што се дел од обеднетата албанска опозиција.

Демократската партија,која ја предводи опозицијата до сега нема заземено официјален став околу ова.

Лидерот на демократите, Љуљзим Баша рече дека право е на секоја партија да се регистира или не за 13 октомври.Тој не се откажува од барањето за заминување на Еди Рама од премиерската функција и формирање преодна влада која ќе спроведе слободни и демократски избори.

Претседателот Мета со уредба од декември минатата година локалните избори ги закажа за 30 јуни, но на почетокот на јуни,кога владејачкото мнознство спроведуваше изборна кампања, а опозицијата одржуваше масовни протести, истите ги одложи и потоа на 27 јуни ги презакажа за 13 октомври. Според неговото образложение тоа го направил со цел да се избегне граѓански конфликт.

По изборите, на кои излезноста беше нешто повеќе од 22 отсто од вкупно запишаните гласачи, во 60 од вкупно 61 општина градоначалниците се од изборната коалиција „Алијанса за европска Албанија“ предводена од Социјалистичката партија на Еди Рама или дури 90 отсто се социјалисти.

Коментирајќи го датумот 13 октомври, Рама рече дека тоа е обичен неделен ден како и секој друг.