Македонија
3. October 2019 - 16:39

Власта и помалите партии за една изборна единица - опозицијата за 120 изборни единици

Власта и опозицијата со различен предлог за нов Изборен модел. Опозицијата бара мнозински модел со 120 избирачки единици, власта сака една изборна единица, но би прифатила и отворени листи.

Опозицискиот лидер, Мицкоски вели дека досега се зборувало само за препораките од ОБСЕ и ОДИХР кои немаат врска со изборниот модел за кој зборува власта.

-Прифатливо е секое она решение што ќе го зголеми демократскиот капацитет и квалитет. Но, и којшто ќе понуди и гласот на граѓаните кои што ги бираат своите претставници во Собранието да биде посилен и погласен и да биде навистина тој глас кој што треба да ги застапува интересите на граѓаните кои ги бираат тие народни претставници. Ако сакаме да го максимилазираме влијаенито на граѓанинот ајде да избереме еден мнозински концепт каде што тој што во првиот круг ќе има најголем број на гласови, тој да биде претставник на тие граѓани кои што го бираат во таа изборна единица, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Премиерот Заев, пак, вели дека за СДСМ многу е важно и влијанието на малите политички партии. Потенцира дека неговата партија сака модел кој ќе ја унапреди демократијата во државата.

-Се случуваше политички партии или листи да имаат 30.000 – 40.000 гласови, а ниту еден пратеник да не добијат. Ние се залагаме да се максимилизираат тие гласови преку една изборна единица, иако СДСМ веројатно како најдобростоечка партија најмногу би изгубила, па второстоечката партија,  па третата…  Но, добивате деморкатијата и добиваат нашите граѓани. Една изборна единица со 120 имиња на листата и отворени листи никаде не се спроведува. Или една изборна единица или отворени листа. Ние подржуваме и ги охрабрувам сите партии да направиме еден чекор кон демократизација на изборниот процес“, рече премиерот Заев.

Воведување на една изборна единица бараат и дел од помалите политички партии. Демократскиот сојуз побара од лидерите на големите партии да одржат средби на кои ќе се разговара за измени во Изборниот законик. Партијата бара една изборна единица, но и натаму да остане пропорционалниот изборен модел без изборен праг.

-Демократскиот сојуз смета дека со овие промени Собранието ќе биде реален одраз на определбата на граѓаните, ќе ја јакне одговорноста на извршната и другите власти, за круцијалните државни и прашања од интерес на граѓаните ќе носат одлуки со сериозна дебата во Собранието, ќе се создадат услови за владеење на правото, ефикасна борба против криминалот и основни предуслови за економски развој, се вели во дописот од партијата.

Македонија од 2002. година го применува пропорционалниот изборен модел при изборот на претеници во Собранието и советници во општините.