Македонија
13. јуни 2018 - 16:23

Власта и опозицијата во Грција со дијаметрално спротивна оценка на договорот за името

Власта и опозицијата во Грција и денеска излегоа со динаметрално спротивни оценки на постигнатиот договор помеѓу премиерите Заев и Ципрас.

Владиниот портпарол и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос оцени дека станува збор за политичка победа, која со текот на времето ќе ја увидат и тие што се противат. 

,,Станува збор за политичка победа бидејќи се решава прашање што ја измачуваше земјата, но и Балканот над 30 години. Убеден сум дека со текот на времето и оние кои не се согласуваат или изразуваат спротивставеност, ќе сфатат дека станува збор за неопходен политички и дипломатски компромис, кој и покрај тоа што е компромис, целосно ги заштитува и ги гарантира интересите на нашата земја‘‘, изјави Ѕанакопулос за ЕРТ. 

Од друга страна лидерот на најголемата опозициска партија Неа Демократија, Киријакос Мицотакис и на грчкиот претседател му пренесе дека договорот е лош за земјата.

,,Договорот, според нашето мислење е многу проблематичен, не само затоа што е спротивен на ставот на мнозинството од грчкиот народ, бидејќи отстапува за македонски јазик и македонска националност, што за нас е неприфатлива национална отстапка, туку и за поради уште една дополнителна причина. Господинот Ципрас нема никаков политички легитимитет да го потпише овој договор, од моментот кога неговиот коалиционен партнер, јасно е против овој договор‘‘, рече Мицотакис.

Мицотакис побара Павлопулос да интервенира договорот да се разгледа во грчкиот парламент пред истиот да биде потпишан, обвинувајќи го Ципрас дека нема политички легитимитет да го стори тоа.

Портпаролот на владата, пак возврати дека премиерот и министерот за надворешни работи по службена должност имаат надлежност да потпишуваат меѓународни договори, а ако Мицотакис се сомнева дали владата има доверба во парламентот, му порача да достави предлог за гласање на недоверба на владата.