Македонија
10. јуни 2021 - 16:48

Власта и опозицијата со различно толкување на одлуката на Бајден

Со декретот на Американскиот претседател Бајден, Соединетите американски држави покажуваат дека се зајакнува интересот за Западен балкан, вели Министерката за одбрана. Според Шеќеринска, со одлуката да се стават на црна листа сите кои нема да ги почитуваат Преспанскиот и Охридскиот договор, Белата куќа испратила пораки дека тие договори се гаранција за стабилноста, а се очекува и борба со корупцијата.

„Мислам дека и двете пораки кои ги испраќаат САД се добредојдени за сите нас кои што посакуваме да живееме во подобар регион, кој што не е само дел од евро-атланското семејство и НАТО, туку е дел од една евро-атланска култура на владеење на право, демократски вредности, слободни медиуми кои носат просперитет. Така што, мислам, дека само оние кои ловеа во матно и само оние кои се трудеа или се трудат да ја дестабилизираат државата, можат да имаат проблеми со Декретот“, изјави Радмила Шеќеринска, Министер за одбрана.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ посочува дека приоритет во американскиот доумент бил даден на борбата со корупцијата, но таа тема вешто ја одбегнувала власта. Од партијата тврдат дека проблемот со корупцијата во државата бил евидентен, а тоа го потврдувале сите меѓународни институции.

„Тоа можеме да видиме од прес конференциите и нивните информации кои излегуваат за да ја дефокусираат јавноста. Односно, од темата за борба против корупцијата и криминалот, да се префрлат на една друга тема. За жал, корупцијата и криминалот се теми кои СДСМ од почетокот на нивното владеење до денес ги избегнува. 

Меѓутоа, постојат релевантни меѓународни институции, па и држави кои овој криминал и корупција  ни го нотираат како еден од најголемите проблеми во нашата држава“, вели Никола Мицевски, ВМРО-ДПМНЕ. 

Поддршка за одлуката на Бајден испрати и владејачката ДУИ. Од партијата велат дека ќе ја поддржат посветеноста на САД за гарантирање на безбедноста и политичката стабилност на Западен Балкан.

Санкциите за оние кои согласно Декретот ќе се најдат на црната листа, опфаќа замрзнување на имотот и забрана за влез во САД.