Македонија
15. July 2018 - 16:08

Власта и опозицијата се судрија околу прославата- за едните фијаско, за другите обединување

Владата утре ќе објави колку чинеше синоќешната прослава Македонија во НАТО и ЕУ. Преку соопштение велат дека целосниот извештај за организација на концертите во 15 градови и хонорарите на музичарите ќе бидат ставени на увид на јавноста.

Граѓаните ја поддржаа Македонија која се обединува и која оди во НАТО и ЕУ. Вредноста на историскиот момент е препознаена ширум државата, од Гевгелија до Гостивар, од Куманово до Струга, стои во владиното соопштение.

Според опозицијата пак Заев и СДСМ вчера доживеаа уште еден пораз директно од народот.  ВМРО-ДПМНЕ бара одгворност за како што велат приватната журка на Заев со државни пари.

На вчерашната дебакл-прослава имаше помалку луѓе отколку што просечен граѓанин на нашата држава собира на куќна слава или на роденденска прослава кај најблиските. Ја предупредивме власта дека залудно троши пари и дека на народот не му е дојдено до славење. Поразот и капитулацијата не може да се претворат во победа. Заев тоа не го послуша, како што не слуша и за милион други погрешни политики кои ги спроведува.  Затоа вчера го добија овој врел шамар од граѓаните. Еве повторно јавно прашуваме, колку скапи лекови можеа да се купат со овие пари и колку родители на своите деца ќе можеа да им ја дадат терапијата без да се грижат доколку Заев ја откажеше вчерашната дебакл-прослава, вели Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Граѓаните се сплотија и достоинствено ги прославија историските успеси на Македонија, одговори СДСМ.

15 градови и 40тина музичари беа дел од вчерашната владина прослава. Неколку часа пред почетокот, настапот го откажаа Влатко Лозановски во Охрид и етно бендот Љубојна во Струмица. Но и  покрај тоа струмичани заиграа на настапот на „Чалгија саунд систем“ и „ Кочани оркестра“.