Македонија
30. May 2019 - 16:14

Власта и опозицијата различно го читаат извештајот

Промените во СДСМ се само ПР алатка за да се тргне вниманието на јавноста од економскиот неуспех на Владата, обвинува опозицијата. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски вели дека ова е најнеуспешниот економски тим во историјата на Македонија. Посочи дека смената на раководството во владејачката партија не може да го сокрие податокот дека во првите четири месеци реализирани се само 9,83 отсто од капиталните инвестиции.

-Буџетот за капитални расходи се троши за тековни трошоци. Нема инвестиции во инфраструктурата. А тоа е предуслов за одржлив економски развој, за подобрување на приватниот сектор, за побрзо движење на граѓаните, производите и услугите, за ослободување и стимулирање на приватните инвестиции, вели Мицкоски.

Од владејачката партија, пак, велат дека Мицкоски ги премолчил успешните реформи и не честитал за најпозитивниот Извештај на Европската комисија. Од СДСМ потенцираат дека опозицијата продолжува да работи спротивно на интересите на државата и граѓаните.

-Ништо не е сменето во ВМРО-ДПМНЕ. Партијата и Мицкоски се уште имаат шанса да го поздрават успехот и Препораката за почнување на преговори со ЕУ и да се вклучат во забрзување на реформските процеси, што е во интерес на граѓаните и државата, се вели во реакцијата од СДСМ.

Власта и опозицијата, сепак различно гледаат на Извештајот. За власта тој е уште едно признание за историските одлуки кои таа ги донела за една година. За опозицијата, пак, поради тоа што нема реформи и оваа година земјава нема да добие датум за старт на преговорите.

-Покажавме дека сме подготвени да носиме храбри, историски одлуки, и да покажеме политичка зрелост и европски манири да делуваме во интерес на граѓаните и нивната европска иднина. Тоа е признаено и соодветно вреднувано од Европската комисија, изјави пратеникот од СДСМ, Хари Локвенец

-Како што стојат сега работите за жал и оваа година нема да има датум за почеток на преговори. Значи спорот со Грција го нема, но сепак нема датум за почеток на преговори за членство во ЕУ. Ако во минатото проблем беше спорот, а не изостануваа реформите, сега веќе изостануваат реформите, изјави Николовски.

Европската Кoмисија во својот извештај нотираше дека земјава има функционална демократија и ја поздрави соработката на власта и опозицијата за реформските закони. Во сите 4 клучни области во кои лани се бараа реформи, сега е нотирано дека е направен прогрес.