Македонија
21. August 2018 - 16:31

Владината седница ќе открие како владата ќе ги троши народните пари во кампања за референдумот

Владата не открива како ќе се трошат средствата кои министерствата ги собираат за кампањата за референдумот. Како ќе изгледа информативната референдумска пропагнада и врз основа на кои критериуми ќе се врши изборот на медиуми во кои ќе се врши закуп на рекламен простор од Владата велат дека ќе се знае по утрешната седница.

„ Утре ќе има седница на Влада по чие завршување ќе се знаат сите детали во однос на кампањата од јавен интерес за референдумот.“ – се вели во дописот од кабинетот на Заев до Сител.

На последната владина седница министерствата беа задолжени да кажат колку пари можат да стават на располагање за референдумската кампања. Освен Шеќеринска која обезбедила милион евра државни пари, останатите министри велат дека деталите ќе ги соопшти Владата.

И во Собранието нема дефиниран став како ќе се води пропагандата за референдумот. Координаторот на мнозинството Тунтев вчера за Сител потврди дека најверојатно утре пратениците од мнозинството ќе се координираат за да изградат став за идните чекори.

И додека државната кампања се уште се планира, партиската се води под полна пареа. Освен платените објави на социјалните мрежи, ангажирани на терен се и пратениците на СДСМ

Во опозицискиот блок партиските органи и натаму градат став за тоа како ќе се постават на референдумот. Не се знае ниту дали и како ВМРО-ДПМНЕ ќе се вклучи во кампањата во пресрет на референдумот и дали нивните пратеници ќе ја поддржат онаа која ќе ја води мнозинството во Собранието. Од опозицијата велат дека штом ќе изградат став, граѓаните за тоа ќе бидат информирани