Македонија
15. May 2019 - 12:35

Владината „Метла“ ќе зачисти на почетокот на јуни

Во почетокот на јуни ќе излезам комплетно со промени во раководни структури на министерско ниво, во државните институции, а крајот на јуни ќе почне и по вертикала во општините каде државата е претставена со одредни државни институции.

Ова денеска го најави премиерот Зоран Заев прашан од новинарите до каде е најавената „метла“, посочувајќи дека се работи за неколку министри, за неколку заменици министри, за неколку директори. Конечните бројки, рече, ќе се соопштуваат кога за тоа ќе биде донесена одлука.

– Се уште сме во фаза на размислување, го имам концептот.  Главните критериуми ќе бидат ароганцијата, неисполнување на одредени очекувања на граѓаните, неагилниот однос на одредени носители на високи функции, непотизмот, укажувањата од Антикорупциска, сите аспекти ќе бидат согледани и верувам дека ќе направиме вистински решенија, кои ќе бидат сериозен акцелератор за посилно динамизирање на работите во нашата земја, затоа што граѓаните сега очекуваат и конкретни резултати после сите овие крупни политички одлуки и по завршувањето на претседателските избори, појасни претседателот на Владата.

Информира дека деновивте ќе биде закажана средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети и со другите коалициски партнери на која ќе се разговара за реконструкцијата.

– Верувам дека треба да се случат промени од сите репрезенти во Владата или во државните институции, рече меѓу другото Заев одговарајќи на новинарско прашање како ја оценува пораката од министрите на ДУИ дека одговорен за нивното работење е Ахмети.

Премиерот Заев им порача дека сите се одговорни пред граѓаните, затоа што дел доаѓаат од политички партии, а дел се интелектуалци.
– Главниот репер се граѓаните. Сите генерално очекуваме каде би се случиле промените. За мене нема пречки и предрасуди. Јас сум мандатор, мојата одговорност е да ги согледам укажувањата на граѓаните, да постапам по нив, да направам соодветни корекции, изјави Заев.

Паралелно, најави, ќе се прават и промени во СДСМ.

Заев повтори дека во наредните 15 дена до крајот на месецот ќе се донесат сериозни одлуки за нашата земја, дел се од интегративните процеси, како што е добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ, која меѓу другото зависи од некои одлуки во Парламентот односно законот за безбедносните служби и за јавното обвинителство.