Македонија
10. јуни 2018 - 15:01

Владина делегација предводена од премиерот Заев во работна посета на Франкфурт

Владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев на 13-ти и 14 јуни ќе престојува во работна посета на Франкфурт, Германија.

Во делегацијата ќе бидат и  вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за здравство Венко Филипче, министерот за финансии Драган Тевдовски, министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на ДТИРЗ, Александар Младеновски.

Како што соопшти владината прес-служба, во рамки на првиот ден од посетата предвидени се средби помеѓу претставници од делегацијата на Владата на Република Македонија и професори и еминентни доктори од Универзитетската клиника, Јохан Волфганг Гете. Целта е зацврстување и разгледување на можности за продлабочување на соработката со оваа реномирана здравствена установа.

На вториот ден од работната посета премиерот Заев и министрите во Владата на Република Македонија ќе остварат средби со претставници од Deutsche Bank, како и со раководствата на неколку успешни германски компании.