Бизнис
18. September 2019 - 8:44

Владин тим црпи искуства од швајцарскиот модел на учење преку работа

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и министерот за образование и наука Арбер Адеми престојуваат во работна посета  на Швајцарија каде се запознаваат со швајцарските искуства за стручно образование и обука.

Како што соопшти Кабинетот на вицепремиерот Анѓушев, за време на работната посета во Берн, што се реализира на покана на Владата на Швајцарија, тие ќе се сретнат со Мартина Хирајама, државен секретар за образование, истражувања и иновации и со заменик државниот секретар за надворешни работи Кристина Марти Ланг.

Владината делегација ќе има можности да се запознае со швајцарскиот модел на учење преку работа за време на презентации кои ќе бидат извршени од стручни лица во Државниот секретаријат за истражувања и иновации во образованието, Швајцарската конференција на кантонски министри за образование и Швајцарското здружение на машински и електротехнички индустрии.