Македонија
1. March 2016 - 13:46

Владимир Василевски Четкар на голема азиска турнеја од септември

Џез-музичарот, композитор и гитарист  со светска кариера Владимир Василевски Четкар од септември годинава до март 2017 ќе има голема турнеја низ Азија со поддршка на Министерството за култура. 

На 13 септември тој ќе настапи на џез-фестивал во Хонг Конг и потоа, во наредните шест месеци, ќе гостува на фестивали и во клубови во Кина, Јапонија, Јужна Кореја, Тајланд, Малезија и Индонезија. Во неколку земји од Далечниот Исток веќе се објавени и се во продажба цедиња од охридскиот музичар со њујоршка адреса. 

Него денеска во својот кабинет го прими министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која му се заблагодари за тоа што тој со својата досегашна работа успешно ја претставува Македонија во светот. 

- Неговата кариера е позната насекаде во светот, за неговата музика и авторски труд објавиле престижни списанија, музички куќи и телевизии во Америка и во други држави. Минатата година во Англија негов албум беше прогласен од Soul Brothers Records за еден од најдобрите за 2015 година. Драго ми е што дадовме поддршка за големата азиска турнеја со која ќе бидат опфатени некои од најголемите џез-фестивали и џез-клубови. Четкар заслужува да биде поддржан од државата и се надевам дека турнејата успешно ќе се реализира. Му посакувам успех, рече Канческа-Милевска на прес-конференција по средбата со музичарот.

Василевски Четкар во САД е од крајот на 1990-тите. Во 2001 дипломирал на Универзитетот Беркли и оттогаш самостојно ја гради својата кариера. Покрај во Њујорк, каде што седма година настапува на престижниот Блу ноут џез-фестивал, музиката ја презентира во повеќе земји и на специјализирани национални радија. 

- Дојде момент да ја изразам својата музика во Азија, каде некои од најголемите куќи во Јапонија и Кореја ги отпечатија моите албуми во околу 20.000 примероци. Тоа е убава цифра за ваква музика која е уметност, а сепак има комерцијален ефект и се свири во поурбани места, во клубови... Со поддршка на Министерството ќе може таму да се претставиме како држава која има свој  космополитски одговор и во овој музички стил, како еден микс на соул, џез, фанк музика. Интересно е затоа што луѓето не знаат по нашата традиција, но не не знаат по овие работи кои се битни за секој народ - да има одговор на секој интернационален музички израз, рече Четкар. 

По првиот концерт во Хонг Конг, следни се во Кина и Јужна Кореја, а за другите земји ќе бидат дполнително потврдени датумите за концерти. Во тимот музичари за турнејата низ Азија рече дека ќе вклучи соработници од САД, но и музичари од Македонија и од земјите во кои ќе гостува. 

- Сакам да направам еден микс кој допрва ќе го дефинирам, но ќе вклучам музичари од тука, од Македонија, од Америка и Европа, и од Азија. Мене ми е битно авторската музика, која главно ќе биде презентирана таму, да биде промовирана како музика од македонски изведувач, додаде Четкар.