Свет
8. August 2019 - 21:18

Владимир Путин - 20 години на власт

Саут Чајна Морнинг Пост/АФП

Кога Владимир Путин беше назначен за премиер пред 20 години многумина сметаа дека тој, како дотогаш непознат шеф на спец-службите, ќе ги продолжи демократските реформи од 90-те години и во исто време ќе го обнови редот и поредокот во Русија.

Дваесет години подоцна тој е се уште на чело на државата, власта е во неговите раце и тој изгледа дека е решен да продолжи да владее.

На 9 август 1999 година Борис Елцин најави дека го назначува директорот на Федералната служба за безбедност Владимир Путин за премиер. Експертите сметаат дека тој е способен да стави крај на политичката нестабилност и на проблемите во Кавказ.

Тие го сметаат и за ефективен државник кој ја почна кариерата под закрила на градоначалникот на Санкт Петербург, Анатолиј Собчак и потоа избран од Елцин да продолжи да ја води Русија по патот на пазарна економија.

На 31 декември таа година Елцин поднесе оставка и рече дека врз Путин ќе падне задачата да го сплоти општеството и да гарантира дека реформите ќе продолжат.

– Во почетокот на неговото владеење Русија беше и покрај сиромаштијата и криминалот една либерална и демократска држава, вели новинарот Николај Сванидзе, кој додава дека во првите години во Кремљ Путин бил исклучително пријатен соговорник со чувство за хумор.

-По 20 години на власт тој се промени и тоа не во добра насока, смета Сванидзе.

Во почетокот на владеењето премиерот Путин демонстрираше толерантност во односите со Западот. Во исто време изгради култ на непоколеблив лидер и ја почна втората војна во Чеченија. Тоа ја засили неговата популарност до ниво од 53 отсто за претседателските избори во 2000 година.

Благодарерние на успесите во трговијата со нафта првата деценија од власта на Путин е забележана со подобрување на животниот стандард на Русите и од засилување на државата ослабена по распадот на Советскиот Сојуз.

Власта обезбеди контрола врз медиумите кои дотогаш беа во рацете на амбициозни олигарси.

– Сегашниот Путин не е тој од 1999-2000 година, од либерал тој стана конзервативец, смета политикологот Константин Калачов. Според него, причината за таа промена е разочарувањето од Западот.

Во 2007 година Путин имаше говор во Минхен што содржеше сериозни критики против САД. Оттогаш кризите следуваат една по друга – војната во Грузија во 2008 година, интервенцијата на Западот во Либија во 2011 година, украинската криза во 2014 година, и почеток на конфликт во Источна Украина меѓу Киев и проруските сепаратисти.

-Конфликтот со Западот го претоври Путин во реакционер, смета новианрот Георги Бовт.

Во Русија признаците за тоа се заштита на традиционалните конзервативни вредности на православната црква што се во противречност со „декаденцијата“ на Западот и постојаното ограничување на јавните слободи во име на редот и стабилноста.

Со наближување на крајот на мандатот на Путин останува прашањето за руската политичка класа за неговите намери, дали тој одново ќе стане премиер како во 2008-2012 година или ќе назначи свој заменик како што направи Елцин во 1999 година или пак ќе се прогласи за почетен претседател како што направи претседателот на  Казахстан.

Путин е веќе 20 години во власта,но е далеку зад други лидери како Фидел Кастро и Теодоро Обијанг Нагуема кој наскоро ќе прослави 40 години власт во Екваторијална Гвинеа. Во таа класификација не се монарсите како што е британската кралица Елизабета Втора која е на тронот 67 години.

Рекордот меѓу лидерите што владееле најдолго го држи Фидел Кастро-49 години шеф на државата Куба.

На второ место е кинескиот лидер Чанг Кајшек кој беше на власт 47 години во Кина и потоа во Тајван. Ким Ил Сунг во Северна Кореја беше на власт 46 години.
Моамер Гадафи беше лидер на Либија речиси 42 години.

Во Европа најдолго владеел Енвер Хоџа – 40 години на чело на Албанија.