Македонија
30. November 2020 - 16:37

Владиката Петар со повик до верниците: Вирусот постои, носете маска и одржувајте дистанца

Од Ковид-19 во Преспанско-пелагониската епархија починаа двајца свештеници, едниот 78-годишен, а другиот на 39-годишна возраст кој не боледувал од ниедна болест. Ова го кажа Владиката Петар во својата проповед на вчерашната литургија во храмот „Свети Великомаченик Димитриј“ во Битола во која жестоко ги нападна оние кои не ги почитуваат мерките, апелирајќи до сите дека треба сериозно да ја сфатат болеста и дека таа никого не поштедува. Владиката Петар кажа и дека до пред една недела, во Преспанско-пелагониската епархија од коронавирус починале 255 лица.

-Извинете, што ова дополнително ви го кажувам, но не можев да преминам преку ова, знаејќи она што ни се случи, особено во оваа неполна недела два свештеника ни умреа. Сериозна е работата! Тоа не значи да не доаѓате в црква, тоа значи да доаѓате подготвени и со молитва и со сѐ, и со маски. И тука во црквата носете ги, не е срамота. Оставете ги тие свештеници што ви велат или некои други луѓе, па и лекари некои што велат, дека болеста не постои. Е, ако не постои болеста, еве умреа свештеници, што да речеме сега? Умре патријархот српски, умреа владици српски четворица, и? Што да кажеме, дека не постои? Ние сме некако поштедени? Не нѐ штити никого! Треба да сфатиме сериозно, дека опасна е работава! И немојте да комуницирате без маска еден со друг на растојание помало од 2 метри. Господ нека ни е на помош, да се помолиме, ама и ум во главата, рече во поповедта Владиката Петар.

Тој ги повика и сите присутни во храмот оваа негова порака да ја упатат до сите свои ближни со цел сите да се однесуваат сериозно како што треба.