Бизнис
3. January 2019 - 20:31

Владата уверува дека ќе направи се за да ги заштити македонските извозници на челик

Владата ќе направи сè за да ги заштити металуршките компании, уверува премиерот. Според него, заштитните мерки за увоз на челик и алуминиум, што ги воведе ЕУ, нема да го загрозат работењето на засегнатите македонски компании, ниту извозот на нивните производи. Спротивно од ова, челичната индустрија алармира дека секторот ќе добие силен удар, што ќе влијае и на БДП.

“Реакции доаѓаат зашто нашите компании имаат амбициозни планови. И тоа е супер. За нас, како Влада, е од исклучително значење остварувањето на тие амбициозни планови на домашните компании бидејќи тоа би значело дополнителни вработувања, зголемувања на извозот и раст на БДП”, вели премиерот Зоран Заев.

Квотите што Македонија ги доби за извоз на челик и алуминиум во земјите од ЕУ се определени од просечниот извоз во последните три години, но зголемен за 5%. Освен тоа, македонските компании ќе може да ги надополнат и неискористените квоти од други земји. Власта смета дека тоа е доволна потврда дека извозот од земјава не го загрозува домашното производство на ЕУ.

“Не губиме ништо. Но, сепак, продолжуваме да лобираме, да разговараме и да преземаме низа активности, зашто конечните одлуки се носат во февруари”, уверува премиерот Заев.

Овие заштитни мерки ЕУ ги воведе како резултат на одлуката на САД да го ограничат увозот на производи од челик од ЕУ и Кина. Мерките се однесуваат на сите држави што не се членки на Унијата.