Македонија
13. September 2017 - 14:34

Владата утре ќе објави сет економски мерки

Владата утре ќе ги објави сетот мерки наменети за економијата. Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев денеска најави дека мерките содржат три главни столба, ќе бидат подеднакво наменети и за домашните и странските инвестиции, а главен критериум ќе биде резултатот од работењето.  

Вицепремиерот посочи дека основно е  дека мерките се наменети за оние компании кои можат да испорачаат раст и прогрес на Македонија, односно дека резултатот од работењето на компаниите ќе биде основен критериум за добивање помош од државата.

- Сите оние компании кои се подготвени да испорачаат раст на својот приход во текот на тековната година ќе бидат финансирани и поддржани од државата во текот на наредната година во облик  на поврат на одредени средства, но тие средства нема да бидат враќани во дискрециско право на преговарање, туку средствата ќе бидат враќани исклучиво во одредени критериуми и подеднакви за кој било инвеститор дали е гринфилд инвестиција или станува збор за постојни економски капацитети, рече Анѓушев.

Истакна дека подеднакво по исти и одредени критериуми ќе бидат поддржани сите инвеститори. Појасни дека ќе има три главни столба на поддршка.

- Првиот столб на поддршка ќе биде гринфлд и браунфилд инвстиции, во ТИРЗ или надвор од нив. Компании што веќе работат и ќе бидат помогнати за тие и понатаму да инвестираат и растат. Третата група ќе бидат ткн. таргетирани компании, а четвратата компаниите кои се во стечај и ликвидација и нивно рестартирање, рече Анѓушев.

Додаде дека вториот столб е практично за поддршка на извозот.

- Цело време зборуваме дека мора да имаме поддршка на извозот и затоа е креиран посебен сет мерки за поддршка на извозот. Предвидено е секоја компанија која ќе го зголеми својот извоз во фрискалната година што се анализа во споредба со претходните три години ќе биде поддржана на начин што ќе има процент на поврат на нивните инвестиции што ги направиле за растот на тој извоз, рече вицепремиерот.

Ги повика компаниите да бидат храбри да инвестираат и оти ќе бидат поддржани од Владата. Поддршката ќе биде поголема како се зголемува инвестирањето.

Анѓушев потенцира дека ќе бидат поддржани резултатите, а не желбите.

- Само така ќе може да бидеме сигурни дека секој денар на даночните обврзници ќе биде максимално одговорно искористен. Само така ќе бидеме сигурни дека на тој начин ќе ја отвориме спиралата на раст на БДП, на раст на плати на подобар живот и зголемување на животниот стандард, рече вицепремиерот. 

Третиот столб, посочи тој, ќе биде специјализиран за мали и средни претпријатија каде има цел сет мерки, а некои се направени по израелски пример.

Според Анѓушев, мерките не се случајно изградени, земени се предвид досегашните искуства, политиката, анализата што ја направи Светска банка, но и препораките од денеска презентираната студија на Владимир Глигоров.

По објаување на мерките ќе биде отворена дискусија со  стопанските комори, финансиски институции, МАНУ, универзитетите и сите кои ценат дека можат да придонесат пред тие да бидат донесени.