Македонија
17. September 2019 - 19:07

Владата усвои нова Стратегија за одбрана и Предлог-закон за класифицирани информации

Владата на денешната редовна седница ја разгледа и усвои Нацрт-стратегијата за одбрана на Република Северна Македонија и го задолжи Министерството за одбрана во рок од седум дена од усвојувањето на информацијата да ја достави Стратегијата за одбрана до претседателот Стево Пендаровски за нејзино донесување.

Како што инфомрираат од владината прес-служба, тековната Стратегија за одбрана е донесена во 2010 година, а како резултат на безбедносната динамика, современите безбедносни закани и предизвици, но и како резултат на променетиот статус на земјава во меѓународни рамки, Министерството за одбрана изготви нацрт на нова Стратегија за одбрана во која ги идентификува одликите на современото безбедносно опкружување. Стратегијата дава насоки за понатамошен развој на одбранбените капацитети и способности на системот за одбрана, како и за синхронизирање и унапредување на одбранбеното планирање, согласно стандардите на НАТО и ЕУ.

На предлог на Министерството за одбрана на денешната 154. седница е утврден и Предлог-закон за класифицирани информации со кој се уредува системот за заштита на класифицирани информации и се овозможува одржување на високо ниво на усогласеност со регулативите на НАТО и ЕУ, следење на тековните трендови во практиките при ракувањето со класифицираните информации, како и прецизирање на одредени прашања поврзани со други области што се поврзани со работата на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.

Новиот предлог закон, велат од Владата, ја има предвид законска основа за донесување подзаконски акт што ја регулира криптозаштитата во земјата, а согласно интеграциските процеси во НАТО и ЕУ, согледана е и потреба за проширување на надлежностите на Дирекцијата во доменот на размената и заштитата на класифицирани информации со меѓународните организации.

На денешната седница, Владата донесе Предлог одлуки за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во мировната операција „Одлучна поддршка“ во Исламската Република Авганистан и за учество во мировната операција на Европската Унија „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина.