Македонија
27. January 2016 - 18:15

Владата усвои мерки за фер и демократски избори во април

Во насока на организирање на фер, кредибилни и демократски избори, Владата усвои повеќе заклучоци за олеснување на работата на Државната изборна комисија. Со таа цел прва точка на  секоја владина седница ќе биде разгледување на отворените прашања поврзани со тековното работење на ДИК со што ќе се задоволат сите нејзини потреби и барања. Во следниот период ќе бидат обезбедени и три простории, кои ќе бидат и целосно технички опремени со цел висок степен на безбедносна заштита во кои ќе се чуваат сите материјали поврзани со претстојните избори.   

Во функција на ажурирање на Избирачкиот список, Владата задолжи 10 државни институции да потпишат договор за соработка со ДИК во насока на пренос и мигрирање на податоците од регистрите  и базите на падатоци со кои располагаат овие институции.

Истовремено  Државната изборна комсија ќе има на располагање 50 автомобили кои ќе ги користи согласно своите потреби, а ќе бидат покриени и сите финансиски трошоци поврзани со печатење и копирање на документацијата, како и подмирување на трошоците за спроведување на теренските активности на ДИК.

По препорака на Владата ДИК треба да побара појаснување од Дирекцијата за заштита на личните податоци во однос на тоа кои податоци на граѓаните можат да бидат јавно достапни при објавување на Избирачкиот список согласно одредбите од Изборниот законик.

Во соработка со Државниот завод за статистика, ДИК во следниот период ќе треба да оформи и методологија за водење и ажурирање на Избирачкиот список, како и да се формира список на лица анкетари и контролори, кои ќе бидат обучени со цел успешно имплементирање на утврдената методологија, стои во владиното соопштение.