Македонија
2. March 2021 - 16:41

Владата тврди дека обезбедила 2.133.000 вакцини, амбасадите не калкулираат со датуми за достава

100 илјади од Спутник, 200 по 200 илјади од Кина, 800.000 од Ковакс и 833.000 од Фајзер.

Според пресметките на премиерот Зоран Заев, Македонија засега има два милиони и 133 илјади вакцини - ама само на хартија. Во оваа бројка не се и дозите што треба да ни ги дадат земји членки на Европската Унија. Количините според првиот човек на Владата се над тоа што го планирале, но февруари помина а во земјата и покрај најавите се уште не е стигната ниту една доза од кинеската, руската ниту пак од фајзеровата вакцина за граѓаните.

-Значи ги имаме преземано дури и чекорите на линија на црвената граница во функција на количините, дури и ако треба да поминат количини кои на крајот не би се имплементирале, но да имаме нарачки на крај, изјави Зоран Заев, претседател на Влада.

Оправдувањето на македонските власти е дека производителите не можат да постигнат и затоа и кај нас како и во многу земји доцни испораката на вакцини. Но како и вчера и денеска премиерот го повтори ставот дека денови се во прашање кога ќе дојде првата пратка.

-Ние секој ден штракаме на телефоните да добиеме некоја информација за истовар на вакцини и да ја споделиме. Но сепак, денови се во прашање, вели Заев. 

Дали денови се во прашање одговори побаравме и од дипломатските претставништва во земјата. Од руската амбасада ни одговорија дека засега се уште е рано да коментираат, додека, пак од кинеската за Сител велат дека Македонија демонстрирала доверба во Кина со одлуката да набави вакцини од Синофарм. 

Кинеската страна дава големо значење на потребата на Македонија за вакцини и дава поддршка на кинеските компании да комуницираат со Владата на Северна Македонија за набавка на вакцини. Кина е подготвена да продолжи да работи со Северна Македонија за Ковид-19 вакцините и да помогне во борбата со пандемијата. 

А по вратениот аванс за набавката на 200.000 вакцини од кинески Синофарм, од здравство денеска одлучија да не откриваат детали до каде е постапката со неопходната документација што ја бара МНР на Кина и кога ќе биде финализирана. И додека Заев вели дека Филипче секој ден ги објаснувал постапките од правен аспект, од Министерството за здравство добивме одговор дека клучен сегмент во договорите за набавка на вакцините против Ковид-19 е тоа што секоја држава па и нашата се обврзува на доверливост на склучените договори и примените информации. Од таа причина МЗ не е во можност да открива детали.

Засега во земјата во тек е имунизација на здравствените работници од ковид центрите и тоа со 8000 вакцини на Фајзер што ни ги отстапи соседна Србија.