Бизнис
21. July 2015 - 17:22

Владата субвенционира половина од ратата за кредитите за ИПАРД проектите

Државата ќе субвенционира 50 % од каматите за кредитите што ги земаат земјоделците за да аплицираат за ИПАРД програмата. Високите камати што ги плаќаат за земените кредити од комерцијалните банки, со субвенционирањето ќе се намалат и ќе изнесуваат најмногу 4 отсто.

Министерот за земјоделие Цветков меѓудругото информираше дека наредната недела ќе биде распишан третиот оглас за користење на парите од ИПАРД 1 програмата за подигање на сточарски фарми,овошни и лозови насади, набавка на механизација и други проекти од земјоделието.

-Апелирам најсериозно да го сфатат овој оглас бидејќи средства има. Овие 29 милиони евра ќе бидат со кофинасирање од 75 проценти од ИПАРД фондовите за општините кои беа зафатени од поплавите од почетокот на годината, односно за општините Могила, Новаци и Босилово за сите апликации,  а во останатите 40 општини само за оние земјоделци кои имаат пријавено штети до Комисијата за штети. Поволностите се многу големи со оглед дека 75 проценти ќе бидат кофинасирани  од ИПАРД фондовите,  рече министерот Цветков.

За претходните два огласи имало 1200 апликации, од кои најголем дел биле за набавка на механизација а најмал бил интересот за преработувачките капцитети за кои земјоделците треба да обезебдат повеќе средства за предфинансирање. Министерот потсети дека со гарантниот фонд кој ќе почне да функционира во октомври државата ќе им покрие 50 отсто од хипотеките, односно земјоделците ќе треба да обезбедат само половина од банкарската гаранција за проекти до 500 000 евра.

- Околу 80 експерти кои се распоредени низ 34 подрачни единици на ресорното министерство ќе им помагаат на земјоделците, вели Цветков.

Министерството ќе изработи и готови проекти кои ќе ги понуди на земјоделците преку подрачните единици. Договорите за ИПАРД 1 програмата ќе бидат потпишани до август наредната година, што е услов за започнување на ИПАРД 2.