Бизнис
24. October 2015 - 13:48

Владата со над 100 милиони евра годишно поддршка за домашните фирми

Над 100 милиони евра годишно се инјектираат кај домашните фирми преку кредитните линии на Македонската банка за поддршката на развојот (МБПР), Фондот за иновации и технолошки развој и програмите за самовработување на Агенцијата за вработување на Република Македонија.

На првите сигнали на влијание на светската економска криза во земјава обезбедени се средства од 350 милиони евра од Европската инвестициска банка (ЕИБ). Ова е историски најголема кредитна линија која била пласирана во земјава. Претходно ваквите линии изнесувале само по неколку милиони евра.

- Досега од оваа кредитна линија искористени се 319 милиони евра од страна на 1.583 македонски мали и средни претпријатија кои овие пари ги инвестираа во исто толку проекти со кои отворија 6.441 работно место, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Преку МБПР на домашните компании на располагање им се повеќе кредитни линии во висина од околу 50 милиони евра годишно со субвенционирана каматна стапка за купување на опрема и машини. МБПР нуди и осигурување на кредити за подготовка на извоз, осигурување на македонски инвестиции во странство, издавање на тендерска гаранција за градежни компании кои градат во странство, осигурување на извоз на капитални добра, осигурување на кредити на купувачи од странство на македонски производи. Исто така, МБПР има пакет кредитни линии за финансирање на изградба на градинки и пензионерски домови, како и пакет за финансирање на купување и адаптација на мали сместувачки капацитети до 50 легла.

Преку МБПР на фирмите им стои на располагање и Земјоделскиот кредитен фонд во износ од 8,5 милиони евра со најповолни каматни стапки од 4 отсто за примарно земјоделство и 5 отсто за преработувачка индустрија и трговија. Исто така, преку МБПР достапни се и други поволни кредитни линии за земјоделството со ниски фиксни каматни стапки од само 3 отсто.

Преку Фондот за иновации и технолошки развој, кој беше формиран минатата година, на фирмите им се нудат четири финансиски инструменти: грантови за старт-ап, спин оф, компании и иновации до 30.000 евра, грантови и условени заеми за комерцијализација на иновацијата во износ до 100.000 евра, грантови за трансфер на технологија во износ до 200.000 евра и поддршка за формирање на акцелератори до 500.000 евра. Годинава Фондот располага со 2,5 милиони денари, а на првиот јавен повик се пријавиле 78 фирми.

Преку програмите за самовработување на Агенцијата за вработување исто така се пласираат пари кај фирмите. Преку Програмата за самовработување со кредитирање се обезбедува можност за подигање кредит во износ од 3.000 евра, односно до 5.000 евра во зависност од дејноста на бизнисот со грејс-период од 12 месеци и период на враќање од 48 месеци.

Преку Програмата за кредитирање на правни субјекти за отворање на нови работни места компаниите за секој нов вработен – до пет вработени максимум, добиваат по 3.000 евра по вработен со каматна стапка од 1 отсто годишно. Преку Програмата за самовработување со кредитирање на млади лица до 29 години се предвидува на кредитобарателот да му се одобрат до 7.000 евра, а за секое ново отворено работно место можат да му се одобрат дополнителни 4.000 евра при што се финансираат проекти со најмногу пет работни места, односно 23.000 евра. Средствата се одобруваат со каматна стапка од 1 отсто годишно со рок на враќање од 7 години и грејс-период од 18 месеци.

Со Програмата за кредитирање на правни субјекти за отворање на нови работни места за млади лица за компаниите кои имаат потреба од вработување млади лица им се одобрува дополнителни 1.000 евра по вработен на основниот износ од 3.000 евра. Со мерката „Од идеја до бизнис“ се доделува грант од 3.000 евра за ново регистриран сопствен бизнис.

Со мерката „Субвенционирано вработување“ компаниите се субвенционираат со бруто-плата од 13.000 денари во период од шест месеци по нововработен. Агенцијата овозможува и финансиска поддршка за отворање на нови работни места во мали и средни претпријатија и занаетчии од мал обем со неповратни средства во вид на опрема и материјали до 96.000 денари по работно место. Се субвенционираат и вработувањата на ранливите категории – деца без родители и инвалидни лица.

Владата ја подобрува ликвидноста и преку индиректни мерки. Така преку ослободувањето на задржаната добивка во период од 1.01.2009 до 1.01.2015 година кај фирмите годишно остануваа од 80 до 100 милиони евра, односно за период од шест години над 500 милиони евра останаа кај фирмите на располагање наместо да бидат оданочени. Дополнително кај голем број институции како Централен регистар на Македонија, катастар и други намалени се бројни надоместоци и трошоци што фирмите ги плаќаа. Заштедите на фирмите остварени по овој основ заради намалените надоместоци, лежарини и друго кај Царинската управа се проценуваат на 12 милиони евра годишно, односно за период од девет години над 100 милиони евра.

Ова заедно со подобрениот пристап до кредити значително ја подобри финансиската позиција на фирмите и создаде можност и во услови на криза да се реализираат инвестиции, да се има средства за репроматеријали и работење, како и за вработените при што Македонија е една од ретките земји кои во текот на светската економска и европска должничка криза немаше отпуштања на работници.

Годишно преку МБПР последниве три години се пласираа по 100 милиони евра заедно со ЕИБ-линијата, Оперативната програма на АВРМ за 2015 е 660 милиони денари или 10,7 милиони евра за активни мерки, а Фондот за иновации е 2,5 милиони денари. Значи, вкупно годишно над 110 милиони евра.