Македонија
17. јуни 2017 - 16:14

Владата разреши и назначи директори на повеќе државни институции

Нов директор на Бирото за јавна безбедност е Лазе Велковски, кој доаѓа на позицијата на разрешениот досегашниот директор Митко Чавков, а на Управа за безбедност и контраразузнавање е Горан Николовски, кој доаѓа на директорската позиција на разрешениот Владимир Атанасовски.

На владината седница е констатирано дека новоименуваните директори, Велковски и Николовски, се квалитетни експертски решенија со долгогодишно работно искуство во областа, кои не биле и не се членови на политички партии.

Изразено е уверување дека Велковски и Николовски успешно ќе одговорат на одговорностите во двата важни органа за безбедноста, што функционираат при МВР, на чии челни позиции се поставени, со оглед дека претстојат сериозни реформи во МВР и во тајните служби, согласно забелешките на Извештајот на експертската група на ЕК, предводена од Рајнхард Прибе, стои во соопштението од Владата.

За разрешените директори Чавков и Атанасовски, се наведува, е констатирано дека учествувале во недозволиви и незаконски активности против државата.

Исто така, Владата, заклучи да му предложи на Собранието на Република Македонија, Марко Зврлевски да го разреши од функцијата јавен обвинител на Република Македонија. - Одлуката за разрешување на републичкиот обвинител Зврлевски е донесена поради незаконито, ненавремено и недоволно стручно вршење на функцијата. Констатирано е дека обвинителот Зврлевски не е способен за извршување на функцијата, не поднесувал барања за покренување кривична постапка за случаи предвидени со закон и со тоа го нарушил нарушил угледот на функцијата, се посочува во соопштението.

Владата ги разрешила членовите на Управниот одбор на шумскиот резерват Јасен  и на нивно место именуваше нови членови.

Владата постави и нови директори и на УЈП и на Агенција за храна и ветеринарство. За директорка на УЈП е именувана Сања Лукаревска, а за директор на Агенцијата за храна и ветеринарство е именуван Зоран Атанасов.

Владата, за в.д. директор на Државниот просветен инспекторат го именуваше Томе Спировски.

Инаку, компанија за трговија со електрична енергија ЕДС го избра Митко Кржовски за управител и започна преговори за промена на сопственичката структура.

Промената на управувањето во ЕДС се должи на изборот на Кочо Анѓушев за вицепремиер Заменик претседател задолжен за економски прашања во Владата на Република Македонија.

Менаџментот на ЕДС ја прифати определбата дека неговата одлука е во согласност со законските прописи, односно неговиот избор на функцијата Заменик претседател во Владата на Република Македонија е неспоива со вршењето на функцијата управител на ЕДС.