Македонија
26. јуни 2018 - 16:59

Владата размислува за промени во правилата за референдумот, опозицијата одбива дијалог за ова прашање

До средината на идниот месец собранието мора да го распише референдумот ако ги следи роковите на премиерот Заев. Македонија што порано оваа есен би требало да испорача резултат и тоа позитивен од референдумот за да ја добие официјалната покана за членство во НАТО по што ќе се чека ратификацијата во парламентите на сите земји членки.

Убеден дека граѓаните ќе го поддржат договорот со Грција, Заев вели дека е подготвен и на оставка од позицијата прв човек на владата ако референдумот пропадне, но тој е повеќе од оптимист.

- Македонија нема план Б. Околу 80 проценти од граѓаните се изјанија дека сакаат во ЕУ и НАТО. Убеден сум дека граѓаните ќе ја донесат одлуката на референдум, изјави премиерот Зоран Заев за 1тв.

Министерот за надворешни во интервју за Сител пак ја отвори множноста за намалување на цензусот за успешноста на референдумот, повикувајки се на избирачкиот список и податоците во него кој не соодветствувале со реалноста.

Од ВМРО – ДПМНЕ тврдат дека немало контакти помеѓу партиите на оваа тема ниту пак тие би поддржале намалување на цензусот.

- ВМРО - ДПМНЕ не е дел од ова насилие врз македонските национални и државни интереси и ВМРО – ДПМНЕ  не разговарало со СДСМ на тема на намалување на цензусот, нешто што за нас би претставувало манипулирање на волјата на граѓаните откако власта е соочена со револтот на граѓаните поради капитулантскиот договор. Ваквите нивни пробни балони се сигурен доказ дека одат против волјата на мнозинството на граѓани, велат во одговорот од опозицијата.

Иван Кузмановски, Сител.