Бизнис
4. July 2022 - 16:35

Владата размислува за нов пакет антикризни мерки

Воведувањето блок тарифи на струјата е за да се заштитат најранливите граѓани од повиски сметки. Според министерот за економија Бектеши солидарност мора да има – односно домаќинставата кои земаат помали плати да плаќаат поевтино, за разлика од оние кои имаат месечни приходи по илјадници евра. Владата, според него, треба да им помага на најсиромашните и наместо директни субвенции, тоа го прави преку блок тарифите.

„Не може да биде ист товарот на некое домаќинство кое зема минимална плата и на некои што имаат милионски суми. Домаќинствата кои имаат доволно приходи и можност да ги плаќаат сметките, не треба да бидат субвенционирани. Не може да бидат субвенционирани домаќинства со приходи од 10 000 евра, 5 000 евра, 3 000 евра па и 2 000 евра месечно, а некои со приходи не повеќе од 600 евра да не бидат субвенционирани. Ова е ставот на Владата и на Министерството за економија. Ни претстои тешка зима, но на дневна база ние секогаш ќе излеземе во пресрет“, изјави Крешник Бектеши, министер за економија.

Граѓаните од 1 овој месец веќе трошат поскапа струја. Во просек сметките  ќе им  бидат повисоки за 7,4%. Најголем ќе биде товарот за околу 5,000 домаќинства, кои ќе плаќаат за скоро 140 отсто поскапо. На удар ќе биде и индустријата, односно малите бизниси, чии сметки ќе бидат за 40% повисоки. Но, за нив прв пат се воведува евтина тарифа, после 22 часот. Затоа дел спасот го гледат во фотоволтаици, но дел, ако им дозволува бизнисот, ќе работат само 3 смена.