Бизнис
5. November 2015 - 13:57

Владата преку проекти го решава станбеното прашање за илјадници граѓани

Владата спроведува проекти вредни над 60 милиони евра кои помагаат во решавањето на станбеното прашање на илјадници граѓани од различни целни категории, покажуваат податоците на министерствата за финансии, транспорт и врски и одбрана.

Неодамна, Министерството за одбрана го претстави проектот „АРМ – мој вистински дом“, кој е наменет за припадниците на АРМ за решавање на станбеното прашање по поповолни услови. Од 2009 година се реализира и „Проектот за домување на социјално ранливи групи“ со кој се обезбедува дом за лица во социјален ризик и други категории на граѓани, додека од 2012 година функционира проектот „Купи куќа, купи стан“ преку кој Владата ја поддржува средната класа во купување дом преку субвенции за станбени кредити.

„Проектот за домување на социјално ранливи категории“ предвидува изградба на 32 објекти со вкупно 1.754 станови наменети за лица во социјален ризик и други ранливи групи со вкупна површина од 72.643,70 метри квадратни. Овие објекти АД за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор има обврска да ги реализира до крајот на 2018 година. Досега се изградени социјални згради во Скопје во Ѓорче Петров, Шуто Оризари и Сарај, Битола, Ресен, Демир Хисар, Охрид, Прилеп, Кичево, Македонска Каменица, Кочани, Берово, Крива Паланка, Штип и Кавадарци. Во тек е градба на згради во Македонски Брод, Кочани и Гостивар, а предвидено е да се гради и во Гевгелија, Виница, Куманово, Свети Николе, Пробиштип, Неготино, Струмица, Тетово, Дебар и Велес. Вкупната вредност на проектот е проценета на 50 милиони и 700 илјади евра.

Преку проектот „Купи куќа, купи стан“, пак, Владата им помага на граѓаните кои немаат доволно сопствени средства за купување дом, така што субвенционира или дел од учеството или дел од месечната рата на станбениот кредит. Субвенциите за стан се 50 отсто од месечната рата на кредитот или од учеството, додека за куќа се 75 отсто од месечната рата или учеството. Субвенцијата по корисник може да достигне и до 14.000 евра во зависност од моделот на субвенционирање кој го избрал и висината на станбениот кредит. Проектот е наменет за средната класа, така што еден од условите за аплицирање е лимит на месечните приходи кај барателот. Според Министерството за финансии, проектот досега го искористиле околу 700 семејства и доделени се субвенции во износ од 4,3 милиони евра. Проектот продолжува и следната година, така што во предлог буџетот за 2016 година за него има предвидено 110 милиони денари.

Во проектот „Купи куќа-купи стан“ е вклучено и Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор. Моментно над 250 стана на Акционерското друштво, според директорот Цветко Грозданов, може да се продаваат преку „Купи куќа - купи стан“, а  над 150 граѓани веќе имаат купено станови од нашето Акционерско друштво преку  овој проект.

- И нашето акционерско друштво се претставува  во сите градови со овој проект со тоа што се вклопуваме со цените. Би сакал да апелирам дека, сепак, становите кои ги нудиме се ограничени и во следниот период сите кои се заинтересирани да се обратат  кај нас и ќе им биде овозможено купување вакви станови, изјави денеска  Грозданов.

Станбеното претпријатие, според Грозданов, има станови во продажба, со цени кои се движат во рамки на проектот „Купи куќа - купи стан“ на две локации во Скопје, во „Реонски центар“ во општина Аеродром, 795 евра за метар квадратен и на „Индустриска“ од 850  евра за метар квадратен“. Во Охрид цената за метар квадратен е 590 евра, во Струмица 499 евра, во Прилеп од 400 евра,  во Битола 543 евра, а во Гевгелија 550 евра за метар квадратен. 

Според Грозданов,  интересот за проектот „Купи куќа - купи стан“  е голем, а последниот саем за овој проект во „Скопје Сити мол“, каде со свои штандови се претстави и Акционерското друштво, го посетија над 100.000 граѓани, истакна Грозданов.

Започнува и проектот „АРМ – мој вистински дом“. Кон крајот на декември или средината на јануари ќе почне изградба на првата зграда наменета за домување на припадниците на армијата. Зградата ќе има 36 стана, но предвидено е согласно интересот да се градат и нови станови, најверојатно над 500. Министерството за одбрана ќе ги покрие трошоците за земјиштето, комуналиите и проектот, а во тек е тендер за избор на најдобар понудувач за изградба на зградата и паралелно тече огласот за купување стан. Министерството за одбрана преку проектот ќе ги субвенционира каматите од станбениот кредит што ќе го земат припадниците на АРМ за 80 отсто од главнината на кредитот.