Бизнис
5. July 2019 - 16:25

Владата пред одлука за раскинување на договорот со Еуромакс за Иловица

Владата не знае колкави ќе бидат штетите доколку еднострано се раскине договорот со Еуромакс за екплоатација на бакар и злато од Иловица.

Компанијата не ги исполнува законските услови за добивање дозвола. Министерството за економија ја информирало Владата дека Еуромакс не ги доставила сите потребни документи.

-На вчерашната седница не е разговарано за евентуалните штети бидејќи рокот за жалба, ако компанијата планира да поднесе, трае 15 дена. По завршување на рокот за жалба Владата на Република Северна Македонија ќе донесе конечна одлука за раскин на договорот, истакна владиниот портпарол, Муамет Хоџа.

Од компанијата без конкретен одговор дали ќе поднесат жалба и дали доколку договорот биде раскинат ќе поднесат тужба против државата.

-Се уште официјално не сме ја добиле вчерашната одлука и од таа причина се воздржуваме од какви било коментари, се вели во краткиот допис од Еуромакс.

Инвеститорот Еуромакс, договорот за концесија за експлоатација на бакар и злато од Иловица – Штука го потпиша во 2014. година. Мештаните уште тогаш беа против изградба поради тоа што станува збор за земјоделски регион. Од компанијата уверуваа дека нема да има штетни последици врз животната средина.