Македонија
23. јуни 2017 - 17:35

Владата подготвува акциски план за реформи, Заев побара широка поддршка

Во консултации со граѓанскиот сектор, Владата го стратуваше реформскиот процес неопходен за евроинтеграција на земјава. Премиерот Заев најави инклузивен и транспарентен период во кој побара поддршка од сите за во најкус можен рок да се испорачаат итните реформски приоритети. Целта е до крајот на годинава Македонија да добие чиста препорака за почеток на преговорите со Европската унија, а веќе следната година и датум за старт на пристапните преговори.

Сакам од името на целата Влада да побарам ваша поддршка. Врапчето го имаме сега на рамо. Гласноста на граѓанското општество навистина ја позиционираше ЕУ сосема спротивно од она што беше нејзина определба од пред две или три години во делот на проширувањето. Спремни сме да учиме како Влада. Вие знаете повеќе од нас бидејќи работите експертски поставени во многу области кои за нас се многу важни за евроинтеграциите што значат живот за граѓаните, рече Заев.

Според вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, формирањето на новата Влада стави крај на тешката институционална и политичка криза. Со интензивна агенда уште од првиот ден, власта пристапи кон изработка на стратешки план со цел брза испорака на резултати.

Имаме историски контекст, позитивна политичка клима. Ситуација во која во наредните три шестмесечни цилкуси ЕУ ќе го раководи регионот. Почнува Бугарија, а потоа Австрија и Романија. Ова е историска можност да се фатиме на тој интерес на овие претседавачи со цел да покамеже дека сме посветени и да испорачаме резултати за тие да не постават високо на својата агенда, рече Османи.

Во фокусот на Акцискиот план за влез во НАТО и Европската унија ќе бидат реформите во јавната администрација, владеење на правото, избори, Собрание и независни регулаторни тела, медиуми и граѓанско општество. Со овој план ќе биде запознаен и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан кој на почетокот на следната недела ќе присуствува на владина седница посветена на евроинтеграциите.