Бизнис
21. November 2018 - 19:45

Владата остана глува на забелешките од бизнис секторот, прогресивниот данок доставен во Собранието

Прогресивниот данок ќе се озакони по брза постапка. Државата не ги зеде предвид барањата од граѓаните и бизнис секторот, кои веќе подолго време апелираа да се одложи прогресивното даночење за барем 5 години.

Власта смета дека 15 дена активна дискусија во јавноста и повеќе од година дена разговори околу идеата е сосема доволен период за граѓаните и фирмите да се информираат за прогресивното оданочување.

“Секако, дебатата е сè уште отворена и ќе се префрли во Собранието, каде што треба по скратена постапка да се направат одредени комисиски расправи. Меѓутоа, законското решение е тоа што го презентираа министерот за финансии и министерката за труд и социјална политика”, изјави Миле Бошњаковски, портпарол на Влада на РМ.

Иако јавноста вршеше жестоки притисоци да се одложи воведувањето прогресивен данок, Владата попушти единствено околу прагот за дополнително даночење. Од 1.000 евра, колку што беше првично најавено, границата се поместува на 1.500 евра. Тоа значи дека за месечниот приход што надминува 90.000 денари ќе се пресметува дополнителни 8% данок.

Се зголемува и данокот за капитални добивки, од досегашните 10% на 15%.

Предлог Законот веќе е доставен во Собранието.