Македонија
14. August 2018 - 16:10

Владата одлучува каква кампања ќе води за референдумот, партиите длабоко навлезени во јавната пропаганда

Иако платената кампања за референдумот се уште е на почеток, Власта и опозицијата преку изјави и меѓусебни рекации веќе длабоко се впуштија во пропагандата за граѓанското изјаснување. Едните ги истакнуваат придобивките на Договорот со Грција, другите пак, велат дека се работи за исклучително лоша спогодба.

Пратениците на СДСМ секојдневно излегуваа со изјави во кои повикуваат да се гласа „за“ на 30 септември бидејки тоа ќе значи гласање за иднината на државата.

- Со членство во ЕУ влегуваме во пазар од 500 милиони потрошувачи, или 7,5% од светската популација. Влегуваме во најголемата светска економија со учество од 23,8% од светскиот БДП. За нас како држава, за нашите граѓани и компании, тоа ќе значи влез во 25 пати поголем пазар, со приближно 5 пати поголем стандард на живот (според БДП по жител) и значително ниска стапка на невработеност... На 30-ти септември, имаме историска шанса тоа да го обезбедиме, членство во ЕУ и НАТО со обезбеден македонски идентитет, македонска култура, наследство, македонски јазик, еднаш-засекогаш.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ иако се уште без одлука дали ќе учествува на референдумот, веднаш одговара дека со Договорот со Грција се уништува идентитетот.

- Договор со Грција не отвора никаков пат како што тврдат од СДСМ, туку државата се носи во слепа улица. Апсолутна лага е дека се зајакнува идентитетот, туку напротив, тој слабее и се уништува.   Се доведува во прашање и институционалниот идентитет како клучен тренд марк на идентитетот на еден народ и држава. Пластично објаснето, како се заштитува идентитетот на нашата земја, кога секоја државна институција која што го содржи зборот Македонија треба да биде избришан согласно договорот на Зоран Заев. Тоа е директен удар врз идентитетот на нашата земја и на нашата нација.

Во меѓувреме, Владата на седница одлучува каква кампања ќе води за референдумот за подобро да ги информира граѓаните за содржината на Договорот со Грција. Премиерот Зоран Заев не гледа ништо спорно во тоа да има владина пропаганда особено имајќи го пред вид дека токму оваа влада ја склучила Спогодбата и го направила историскиот предизвик.

Владините функционери на социјалните мрежи веќе водат платена кампања за референдумот. Според Владата, од државниот буџет на Фејсбук досега биле потрошени вкупно 100 евра и тоа за рекламите и од владината страница влада.мк и од страницата на прмиерот Заев.